среда, 4 декември 2024

Три европски земји им делат брошури на граѓаните за тоа како да преживеат во војна

Милиони Швеѓани почнаа да добиваат брошури со совети за населението за тоа како да се подготват и да се однесуваат во случај на војна или други неочекувани кризи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ако дојде до криза или војна“ е брошура од пред шест години, која сега е ажурирана поради, како што шведската влада ја нарекува влошената безбедносна ситуација, осврнувајќи се на руската инвазија на Украина. Брошурата сега е двојно поголема, пишува Би-би-си.

Соседна Финска исто така штотуку објави свои совети на интернет за „подготвеност за инциденти и кризи“. Норвежаните исто така неодамна добија памфлет во кој се објаснува како да поминат сами една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани.

Во деталниот дел за воениот конфликт, финската дигитална брошура објаснува како владата и претседателот би реагирале во случај на вооружен напад, нагласувајќи дека финските власти се „добро подготвени за самоодбрана“.

Шведска и Финска се приклучија на НАТО алијансата во последните две години, по руската инвазија. Норвешка беше основач на Западната одбранбена алијанса. За разлика од Шведска и Норвешка, владата во Хелсинки одлучи да не печати брошура за секое домаќинство бидејќи тоа „ќе чини милиони“, а дигиталната верзија може полесно да се ажурира.

„Испративме 2,2 милиони хартиени примероци, по еден за секое домаќинство во Норвешка“, рече Торе Камфјорд, кој е одговорен за кампањата за самоподготвеност во Норвешката управа за цивилна заштита (ДСБ).

Во брошурите има список на храна што треба да ја имате дома. Списокот вклучува храна која не се расипува, како што се конзервиран грав, енергетски барови и тестенини, како и лекови, вклучително и таблети со јод во случај на нуклеарна несреќа. За Швеѓаните, идејата за итна брошура не е ништо ново. Првото издание на „Ако дојде војна“ беше создадено за време на Втората светска војна и беше ажурирано за време на Студената војна.

Меѓутоа, една порака беше преместена од средината на брошурата на предната страна. „Доколку Шведска биде нападната од друга земја, ние никогаш нема да се откажеме. Сите информации дека отпорот ќе престане се лажни“.

Шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин минатиот месец рече дека како што се промени глобалниот контекст, информациите за шведските домаќинства исто така мора да ги одразуваат промените. Претходно оваа година тој предупреди дека „може да има војна во Шведска“, што беше сфатено како повик за тревога бидејќи министерот веруваше дека напредокот во изградбата на „целосната одбрана“ напредува премногу бавно.

Поради долгата граница со Русија и искуството од војната со Советскиот Сојуз во Втората светска војна, Финска секогаш одржувала високо ниво на одбрана. Меѓутоа, Шведска ја намали својата инфраструктура и дури во последниве години почна повторно да се подготвува.

„Од финска перспектива, ова е малку чудно“, вели Илмари Каико, вонреден професор по воени студии на Шведскиот универзитет за одбрана. „Финска никогаш не заборави дека војна е можна, додека во Шведска луѓето требаше малку да се размрдаат за да сфатат дека навистина може тоа да се случи“.

Брошурите содржат упатства што да се прави во случај на неколку сценарија, како и совети до граѓаните кои ќе им помогнат барем привремено сами да се справат во кризни ситуации.

Финската листа вклучува таблети со јод, како и храна која лесно се готви, храна за домашни миленици и резервно напојување. Шведската листа препорачува компири, зелка, моркови и јајца заедно со лименки со сос од болоњезе и претходно подготвен супа од боровинки и шипинка.

Една од најважните препораки е граѓаните да имаат доволно храна и вода за пиење дома за 72 часа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ