„Ја слушнав таа изјава и морам да кажам дека кај господинот Ковачевски проработел Фројд. Можеби тој има лична фрустрација од мали работи и поради тоа прави споредба со тие мали работи. Јас би го советувал дека тие мали работи кои, претпоставувам, него го фрустрираат, не треба да го фрустираат. Тој треба да гледа од позитивната страна на тоа бидејќи уште за малку време ќе биде таму каде што е, потоа и ќе замине, а некои мали работи што претставуваат негова лична фрустрација, за жал, ќе мора цел живот да ги носи“, посочи Мицкоски.
Тој и денеска, при посета на Кисела Вода, во рамки на партиската кампања за средби со граѓани, го повтори барањето за лидерска средба. Мицкоски нагласи дека досега не се случило на шест месеци пред избори да нема таква средба.
„На лидерска средба треба да се договорат термини за тие избори, нема разговори за дефинирање на Изборниот законик имајќи предвид на препораките од ОБСЕ и ОДИХР, некаде 12 на број. Не се случило на 6 месеци пред избори да не биде упатена покана до мониторинг мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, треба да се дефинираат датите за техничка Влада. Ова се работи кои сакал Ковачевски или не сакал, ќе се случат за неколку месеци од сега“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.