четврток, 5 декември 2024

Мицкоски: Подготвуваме системски мерки за намалување на загаденоста на воздухот

Свесен сум дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми што секојдневно го чувствуваме. Честопати се срамам кога гледам како нашиот главен град – градот на слободата, сега е меѓу најзагадените градови во светот. И посебно сум разочаран од тоа што се допушти децении и децении ништо да не се преземе за почист воздух. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на вечерашниот говор кој што го одржа по повод 80 години од ослободувањето на Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во контекст на емисиите на штетни гасови кои што се испуштаат во воздухот, Мицкоски посочи дека ваквиот начин на енергетска зависност од одредени горива одговара само за оние поединци кои дебело профитираат.

„Во Скопје доминира чадот и штетните гасови, затоа што на некој со децении му одговара овој начин на затоплување и енергетска зависност од одредени горива од кој дебело профитираат поединци. Во таа насока во голема мера инвестициите во енергетиката треба да се насочат кон енергенси кои не загадуваат“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Владата нагласи дека предвидени се низа системски мерки, со цел намалување на загаденоста на воздухот.

„Затоа денес сакам да објавам дека како Влада планираме големи системски мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, спроведување на детален план чиј финиш ќе биде чист воздух и здрава животна средина, но и зголемена енергетска ефикасност. Предвидена е стратешка инвестиција на гасна когенеративна централа која треба да обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, и тоа ќе обезбеди меѓу другото и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството. Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро“, дециден беше Мицкоски.

Тој најави строги ограничувања и зголемени контроли кои ќе се вршат кон најголемите индустриски загадувачи и исто така сет на мерки кои ќе овозможат Македонија да биде место каде ќе имаме чиста и здрава околина.

Потребно е разбирање од граѓаните како и заедничка сплотеност за решавање на овој проблем, затоа што чистиот воздух ни е потребен на сите и мора да успееме, рече Мицкоски. „Воведуваме строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе ги контролираме најголемите индустриски загадувачи. Обезбедуваме субвенции за граѓаните и фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија. Ќе започнеме програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори. Овие мерки се само почеток, бидејќи иднината на Скопје и на Македонија е во чистата и здрава околина. За ваквите чекори потребно е разбирање и заеднички напор и само така ќе успееме“, заклучи Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ