Одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, премиерот порача дека судиите и обвинителите треба да го стават фокусот на справување со криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека секој кој нема да ги исполни очекувањата на граѓаните, треба да си замине.
Според него, ова правило не треба да има исклучок во иднина, без разлика на функцијата во општеството.
„Јас не би го гледал тоа дека е некаков почеток или некаков крај. Мислам дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној којшто нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине, без разлика каква е неговата улога во општеството. Ценам дека овој Судски совет, ценам дека судството и обвинителството заедно со оваа доверба што ја имаат од граѓаните не успеаја и ова не треба да биде исклучок ова треба да биде правило во иднина, дека секој оној што нема да ја оправда довербата на граѓаните треба да си замине, без разлика која улога во општеството ја има. Така што, очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите коишто во сред акции кога треба да потпишат налог за претрес или приведување добиваат главоболка, повишена темпертаура, грчеви во стомак, дијареја и анксиозност“, изјави премиерот.
Прашан за коментар дали смета дека Државниот јавен обвинител ја „сфатил пораката“ по повикот да се изврши реорганзација во обвинителството, посочи дека „не е одлика на сегашната Влада да обвинува и суди како што било пракса на некои минати влади“, но дека ќе упатува пораки дека секој треба да си ја извршува работата.
„Јас не би сакал да го коментирам државниот јавен обвинител, биејќи често пати бев прашуван, зошто иако имаме мнозинство не постапуваме како што постапувале во минатото, кога биле избрани другите влади. владите кога биле избрани. Јас давав одговор дека сакаме да дадеме шанса на процесот и да видиме дали можеме правдата конечно да ја добиеме. И граѓаните со право се лути на Владата зошто не постапуваше досега, бидејќи логично е дека граѓаните мислат дека ние како Влада треба да обвинуваме и судиме. Тоа не е наша политика, можеби на некои минати влади, но на оваа Влада тоа не е политика“, рече Мицкоски.
Тој дополни дека преку истражните органи, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи… може да се подготви случај и да му биде даден на обвинителството.
„Јас само упатив многу пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам кон овие две институции и обвинители и судии, да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата. И конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто има ја даваат македонските граѓани, а не е мала“, изјави Мицкоски.