Тоа што и се очекуваше, дека Аргентинецот ќе победи во трката со соиграчот од Барселона Чави Ернандес и со ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, се оствари. Убедливо ги прибра гласовите на селекторите и капитените на националните селекции, плус новинарите. Тој доби 47,88 отсто од гласовите, повеќе од двојно од тоа што го освои Роналдо, кој заврши втор со 21,6 отсто, а Чави имаше 9,23 отсто гласови.
„Ова е голема чест за мене. Веќе третпат ја освојувам наградата. Како и претходните, оваа е исто така специјална и би сакал да ја поделам со моите соиграчи и со Чави“, рече Меси.
Меси дефинитивно си обезбеди место меѓу најголемите великани. Зад себе ги има сите можни трофеи и награди, а му недостига само една, светската круна. За многумина – последната алка за дефинитивно да стане најдобар на сите времиња. Со 24 години Меси освои повеќе од петте најголеми актуелни великани заедно, го стигна Мишел Платини, единствениот со три златни топки досега (1983-85), а и Зинедин Зидан, кој имаше три ФИФА-награди, но не во низа.
„Веќе е јасно дека тој ќе ги сруши сите граници и дека ќе постави рекорд“, рече Чави за третата награда во низа на својот соиграч.
Сезоната на Барселона, која освои пет од можните шест титули, му ја донесе наградата за најдобар тренер на Пеп Гвардиола, кој победи во трката пред Жозе Мурињо и сер Алекс Фергусон. Хомаре Сава е најдобра фудбалерка, откако лани со Јапонија се круниса како светски првак во женска конкуренција, а селекторот Норио Сасаки е најдобар во конкуренција на тренери на женски екипи.
ФИФА го објави и тимот на сезоната во кој петмина се од Барселона, четворица од Реал и двајца од Манчестер јунајтед. СОСТАВ: Икер Касилјас – Џерард Пике, Дани Алвеш, Серхио Рамос, Немања Видиќ – Андрес Иниеста, Чави, Чаби Алонсо – Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Вејн Руни.
Младиот Бразилец Нејмар, кого многумина го гледаат како нов наследник на Пеле, за што се заложува и бразилската легенда, ја доби наградата за најубав гол – наградата „Ференц Пушкаш“.
[video:http://www.youtube.com/watch?v=vUwVvyXkElY]