четврток, 5 декември 2024

Меѓаши: Наместо демонстрација на сила и оружје, потребно е преку наставата да се укаже на последиците од конфликтите

Со длабока загриженост и осуда реагираме на неодамнешниот инцидент каде деца беа вклучени во училишна приредба облечени во воени симболи и со пушки во раце. Вклучувањето на деца во настани каде што се глорифицираат оружјето и милитаризмот е сериозен показател за општествениот пристап кон воспитувањето, се наведува во реакцијата на детската амбасада Меѓаши по одбележувањето на Денот на албанското знаме во селото Челопек.

Објавено на

часот

Сподели

Наместо да се промовира мир, ваквите активности поттикнуваат нормализација на насилството и создаваат искривена перцепција за моќ.  Ова претставува неприфатливо нарушување на правата на детето и етичките стандарди кои треба да ги водат сите активности во воспитно образовниот систем, велат од Меѓаши.

„Во контекст на образованието, секој ученик има право да се развива во здраво и безбедно опкружување, слободно од било какви форми на насилство и војна. Училиштата имаат клучна улога во формирањето на вредностите кај децата. Наместо демонстрација на сила и оружје, потребно е преку наставата и активностите да се укаже на последиците од конфликтите – бројот на жртви, траумите и влијанието на војните врз семејствата. Мировното образование, ненасилната комуникација, мир и соработка се вредности кои се од суштинско значење за создавање емпатични, солидарни и одговорни граѓани. Приредбите кои се изведуваат во училиштата не смеат да поттикнуваат насилство, идеолошки поделби, ниту да се користат воени симболи или реквизити кои можат да имаат негативно влијание на развојот на децата. Наставниците, како модели на однесување за децата, носат огромна одговорност за пораките што ги испраќаат. Организирањето приредби кои го глорифицираат оружјето ги индоктринираат децата и испраќаат порака дека тоа е нормално: да се носи оружје. Последиците од таквиот пристап во воспитно образовниот систем се јасни, тука нема место за разбирање, соработка, емпатија… Наместо тоа, институциите треба да им објаснат на учениците за последиците од воените конфликти и значењето на мирот. Каква порака испраќаме на децата и на општеството кога оружјето се прикажува како дел од забавата?“, прашуваат од Меѓаши.

Од детската амбасада потенцираат дека  образовниот процес треба да се фокусира на вредностите на мир, толеранција, почитување на различностите и изградба на свесни, одговорни и хумани личности.

„Вклучувањето на деца во активности кои се во контекст на воената идеологија или насилство е неприфатливо и штетно за нивниот развој. Да не дозволиме да се повтори ваква ситуација! Сите заедно треба да работиме на изградба на безбедно, мирно и позитивно опкружување за нашите деца. Имајќи предвид дека ова не е осамен случај, за жал училиштата сѐ почесто стануваат мета на најразлични форми на негативни влијанија, сѐ поевидентни стануваат потребата и  неопходноста од фокусирање на училиштата и целиот воспитно образовен систем во насока на воспитување во чија основа ќе бидат вредностите на ненасилното однесување и градењето култура на мир од најрана детска возраст. Не помалку важно, освен понесување на одговорност, потребно е да се поттикне поширока општествена дебата за тоа како училиштата влијаат врз градењето на мирољубива иднина и кои се чекорите кон одговорно и вредносно поставено образование“, се наведува во реакцијата на Меѓаши.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ