Компанијата Медикомерц, во сопственост на Радиша Бојовиќ Заев, на 13 октомври 2023 година од Агенцијата за лекови и медицински средства Малмед добива одобрение за промет на големо со медицински средства.
На 19 октомври 2023 година Малмед донесува решение со кое го става во промет перикардот (медицински вграден материјал – говедски перикарден пач) кој го увезува Медикомерц. Одобрението на Малмед истекува на 27 мај 2024 година со рок за обновување до 18 септември.
На 22 јули 2024 година Малмед испраќа известување до Медикомерц за дополнување на документите на барањето за вршење дејност со лекови. Рокот е 15 септември 2024 година.
Ништо од ова не е направено, но и покрај тоа Медикомерц го добива тендерот за каридохирургија.
Медикомерц на 1 август го добива тендерот од ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија за 87.627 евра. На 7 август Медикомерц бара од Малмед дозвола за интервентен увоз на перикард.
На 10 септември Радиша Бојовиќ Заев регистрира фирма со исто име во Србија – Медикомерц Београд.
Од Малмед на нашите прашања велат дека Медикомерц ДОО – Скопје има решение бр. УП1 20-89 од 13.10.2023 година за вршење дејност промет на големо со медицински средства на неопределно време. „Има и записник за извршен увид на лице место бр. УП1 20-89 од 3.10.2023 година за исполнетост на услови по однос на простор, опрема и кадар. Медицинското средство – перикард има решение за запишување во регистер на медицински средства достапни во РСМ. Агенцијата за лекови и медицински средства нема надлежност во тендерските постапки“.
Се работи за две дозволи – дозвола за субјект и дозвола за увоз на лекови која е истечена на 27 мај. Ако Медикомерц има дозвола за увоз на лекови, како што имплицира Малмед во одговорот, тогаш зошто на 3 септември се бара дополнување на податоци?
На овие прашања не добивме одговор и од Бојовиќ, со кого воспоставивме првична комуникација кога е добиено ветување дека ќе добиеме одговор на нашите прашања, но до тоа не дојде и десетина дена по првиот телефонски разговор.
Инаку, набавната цена на еден перикард е 284 евра или за 51 парчиња, заедно со цената за осигурување тоа се 15.747,97 евра. А крајната цена на тендерот е 87.627 евра или пет пати повеќе.
Бојовиќ ја водеше и дискотеката Аватар во Струмица, сопственик е на друштвото за товарен патен транспорт „Центро шпед“, управител на трговското друштво „Електро инженеринг“, а во Петрич, Бугарија, е сопственик на фирмата за транспорт и логистика „Радиша трејд“, на иста адреса со неколку други фирми на Заеви, објави во тој период опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
А.Д.