вторник, 2 јули 2024
Прес-конференција

Мемов: Вратите на ЗНАМ се отворени за чесните членови на СДСМ, со таа партија раководи Заев

За Македонија е од исклучителна важност  кој ќе раководи со Владата, но исто така битно е да има и силен коректор на политиките на владата односно силна опозиција, рече портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов на прес-конференција. Тој изборите за лидер на СДСМ ги оцени како недемократски и со резултат „продолжување на кланот Заеви“ и испрати порака до „чесните членови на СДСМ“ дека вратите на ЗНАМ се отворени за нив.

Објавено на

часот

Сподели

Мемов рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател, продолжена рака на кланот Заеви и всушност, како што нагласи, претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.

„Од вкупно 80.000 членови на СДСМ за гласање се регистрирале околу 23.000, а на гласање излегле околу 12.000 членови. Со 9.000 гласови за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател, Димитар  Ковачевски беше избран со околу 40.000 гласови. Самата постапка на регистрација, каде системот за евиденција ненадејно крахира на неколку саати, и одзивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојбана очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерие и безидејност“, рече Мемов.

Портпаролот на ЗНАМ, Мемов рече дека Движењето ЗНАМ за наша Македонија му го честита изборот на г-динот Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.

Тој ги цитира противкандидатите на Филипче.

„Како потврда на нашиот став ќе ги цитираме зборовите на противкандидатите на Венко Филипче. Славјанка Петровска: Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија. Јован Деспотовски: Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10.000 регистрирани членови не им беше дозволео да гласаат? Зошто оние кои излегле да гласаат биле вратени? АлександарБајдевски: Обвинувањата се сериозни и мораат да имаат епилог, ќе поднесам  и претставки за злоупотреба на базата на податоци.”

Според партијата ЗНАМ, како што рече Мемов, може да се констатира дека СДСМ ниту оддалеку не ја прими пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од коруптивна група на луѓе кои ја држат партијата во заложништво исклучиво заради, како што нагласи, сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во седум –  годишното владеење“.

Мемов рече дека потсетува кој е ликот на д-р Венко Филипче.

„Поранешен советник на таканаречениот министер за смрт НиколаТодоров во владата на Никола Груевски. Министер за здравство во владата на Заев. Осомничен дека преку неговата невладина организација обезбедувал инсулин со краток рок на траење. Човекот кој два дена пред да си замине од министер префрла 2.5 милиони евра на грчка компанија која ја гради болницата во Штип. Болницата не е ни почната, ставени се само темели, а се ветуваше дека ќе биде готова до 2018-та/2019 година. Платени се  2,5милиони евра на контото на компанијата Интракомконстракшн – интракат Грција, која со години го гради Клиничкиот центар во Штип, инвестицијата што беше најавувана како гордост на владата на Зоран Заев. Интересно е дека ден по изборот на новата влада и само два дена пред формално да ја предаде министерската фотелја, на 17 јануари 2022 година, Филипче префрлил 56 милиони денари на контото на Интракат. Претходно, на 3 и на 7 декември 2021 година, Министерството за здравство на грчката фирма ѝ исплатило 100,4 милиони денари. Тогашен министер за здраство за кого италијанскиот весник „Ла Верита“ ги објави писмата за набавка на вакцини од Кина во вредност од 7,5 милиони евра кои се однесуваат на фирмата Старби интернешнл  во ХонгКонг, за која весникот тврди дека е фантомска. Според регистарот во Хонг Конг фирмата нема медицинско ниту фармацевтско портфолио, а била регистрирана во 2017 година, пет месеци по формирањето на владата на Зоран Заев. Во неговиот мандат на 8 септември 2021 се случува пожар во тетовската модуларна болница со 14 жртви, заради несоодветна електрична инсталација и несоодветен довод на кислород до пациентите. На крајот се откри виновникот: кабел“, рече Мемов.

Портпаролот на ЗНАМ рече дека во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, членови кои ја сакаат Македонија.

„Но, СДСМ е партија која повеќе не припаѓа на членството и максимата или си СДСМ или не си, веќе нема никакво значење. Во последните 11 години раководството на СДСМ се откажа од АСНОМ-ските принципи и Крушевските постулати како темели на македонската држава и македонскиот народ. Заради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе кои ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори. На Македонија ѝ е потребна здрава, способна и чесна опозиција која ќе биде коректор на власта. Вратите на Движењето Знам за наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата“, рече Мемов.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија со своето учество во владатаќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите немада бидат исти во Македонија, рече на крајот Мемов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ