недела, 14 јули 2024
По изборите во СДСМ

Деспотовски не се согласува дека изборите во СДСМ се завршени

Јован Деспотовски на денешниот брифинг со новинарите даде поширок осврт на изборните случувања во СДСМ, рече дека за него како кандидат за лидерската функција, тоа што се случи во неделата не е крај на изборниот процес. Тој го поставува прашањето кои ги одврати илјадниците членови од гласањето. „Не може да зборуваме за изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Тоа е како во Собрание, од 120 пратеници СДСМ да каже: вие од ВМРО нема да влегувате да гласате, ќе останеме внатре 30 души, од кои ние имаме 18 души и ќе си избереме влада. Да си признаеме, тоа не е во ред“, рече Деспотовски кој не му честитал на Венко Филипче кој е прогласен за нов лидер на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Работите не треба да се ставаат под тепих и мора да се одговори на прашањето што ги одврати или предомисли 11-те илјади членови кои во последниве 20 дена изразија желба да гласаат, рече Деспотовски.

Според него, СДСМ има сериозен проблем, партиската изборна комисија самата не ги почитува своите акти, прво објави дека изборниот процес е завршен, а потоа повика да се поднесуваат приговори.

Деспотовски повтори дека не му честитал на Венко Филипче, рече дека за него се радува како за другар, но нагласи, не станува збор за Филипче, туку за нешто „многу поголемо“.

Доколку не биде избран за претседател нема да биде дел од новото раководство, но ќе има активен политички ангажман во СДСМ, без да прецизира како ќе делува, но одрече можност за фракција.

„Сакам да го видам крајот на изборниот процес во СДСМ. Ако сметаме дека е крајот тоа што се случи во неделата, не се согласувам со тоа. Не дека јас не се согласувам, туку има илјадници луѓе кои не се согласуваат со тоа. Зборуваме за 11.000 луѓе кои последниве 20 дена изразиле желба да гласаат. Секој втор од нив нешто го премислило или можеби го вратило од гласањето и сакам да знам зошто било така. Значи, не се причината годишните одмори, не е причината топлото време. Има многу други посуштински причини. И ние навистина им должиме, но и на партијата, одговор за тоа што се случи. Не може да зборуваме за изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Тоа е како во Собрание, од 120 пратеници СДСМ да каже: вие од ВМРО нема да влегувате да гласате, ќе останеме внатре 30 души, ние имаме 18 души ќе си избереме влада. Тоа да признаеме дека е во ред? Јас мислам дека не е во ред“, нагласи Деспотовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Клучното прашање е, напомена, зошто секој втор што во изминатите 25 дена потрошил дел од своето време, на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање или се регистрирал за да гласа, не гласал, односно ниту отишол или можеби отишол и бил вратен.

„Не е во ред на гласање да пуштате луѓе кои знаете како ќе гласаат, односно знаете дека ќе гласаат за вас, а притоа пак да им се протнат 25 отсто што гласале обратно, а на сите останати да не им овозможите да гласаат. Тоа не е во ред. Кога ќе го исправиме тоа, тогаш ќе можеме да зборуваме за изборен процес. Втората работа малку е смешна, излегуваме како комисија или како партија и кажуваме процесот е завршен, избравме претседател, а наредниот ден одговараме на приговори. Останувам на прашањата што ги поставив и ќе инсистирам да бидат одговорени“.

Според него, ни ВМРО-ДПМНЕ не може да си дозволи таков луксуз, да врати 11.000 членови од гласање.

„Луѓето се вознемирени. Има луѓе кои се по 20 – 30 години во СДСМ и не добиле ништо од партијата, ама некој им вели да не излегуваат на гласање. Треба да се одговори кој ги прави тие притисоци и зошто? Не ѝ личи на сериозна партија да бара од луѓето да ѝ веруваат, да им вели дека ќе се грижи за правна држава, а дома не си го почитува куќниот ред“, нагласи Деспотовски.

„Ај прво да ги завршиме овие избори“, рече Деспотовски.

Тој на брифингот најнапред соопшти и дека денеска поднел оставка од функцијата директор на ТИРЗ. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ