Најголем дел од отпадот – 180.729 тони или 28,4 проценти, е собран во Скопскиот регион, што го прави водечки по количина собран отпад.
Поголемиот дел од отпадот доаѓа од домаќинствата – 535.606 тони или 84 проценти, додека преостанатите 16 проценти потекнуваат од правни и физички лица (комерцијален отпад).
Кога станува збор за типот на отпад, измешаниот комунален отпад доминира со 546.866 тони или 85,8 проценти, додека најмалку се собира отпад од гума – само 1.136 тони или 0,2 проценти.
Собрани се 637.000 тони, но вкупно создадениот комунален отпад изнесува дури 790.866 тони, што укажува на тоа дека значителен дел сè уште не се прибира системски. Просечното годишно количество отпад по жител е намалено – во 2024 година изнесува 438 килограми, што е за 12,9 проценти помалку отколку во 2023 година.
Најголем дел од собраниот отпад – 99,8 проценти – завршува на депонии, што повторно го отвора прашањето за селекција и рециклажа како алтернатива.
Голем дел од отпадот останува расфрлан насекаде загадувајќи ја животната средина.
Во југозападниот биле создадени 105.284 тони комунален отпад, а собрани се само 60.171 тон. Во североисточниот регион пак, биле создадени 60.431 тони отпад, а собрани се само 37.073 тони комунален отпад.
Македонија нема ефикасeн систем за управување со отпад. Проценките се дека најмалку 30 отсто од отпадот не завршува на депониите, туку е расфрлан.
Во Европа секој жител во просек создава пет тони отпад годишно, само 38 проценти од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.
Македонија е една од 24-те земји кои неодамна аплицираа увоз од ЕУ на 18 типови на отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија. Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.