Со денешниот бод против Турција, Македонија го прекина постот без бод на Европските првенства. На последните два континентални собири имавме шест порази, а и ова го почнавме со загубен меч против Шведска.
Во првото полувреме Турчинките беа подобри, ние грешевме, тие казнуваа. Турција имаше водство и од пет гола разлика, беше 11-6 за нив, но успеавме да намалиме, на полувремето имавме негатива од три гола разлика, 12-15.
Македонија заигра многу подобро во вториот дел, Мицевска се разбрани, Турција цели 12 минути немаше постигнато гол, а ние направивме серија од 7-0 и од пет гола негатива дојдовме до водство од два гола разлика, беше 22-20. За жал предноста не ја задржавме до крајот, но и со ремито може да сме задоволни со оглед на тоа што Турчинките имаа предност од 25-23, а ние со два гола се спасивме од пораз.
Сара Ристовска беше прогласена за ракометарка на мечот, таа постигна осум голови, во составот на Турција, Емине Гокдемир даде седум. Јована Мицевска имаше седум одбрани, турската голманка Ербекташ одбрани девет удари.
Следниот натпревар на Македонија е на 2. декември во понеделник со почеток од 18 часот против домаќинот Унгарија. Унгарките денеска со 32-25 ја совладаа Шведска.