Довербата за прв човек на општината по вторпат ја бара актуелниот градоначалник, Пали Андон Колефски кој на локалните избори што се одржаа во јуни 2019 година освои 1.505 гласови или 66,84 отсто од вкупниот број гласачи. Тој е кандидат на владејачката Социјалистичка партија, а врз основа на меѓупартискиот договорот со единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, тој се смета за заеднички кандидат.
Колефски, родум од Пустец, е дипломиран економист, пред изборот за градоначалник беше вработен во царинската испостава во Корча. Оженет е и е татко на две деца.
Негов против кандидат е Панди Јани од Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“. Роден е и живее во Пустец, дипломирал менаџмент за туризам во Скопје, невработен, а во периодот 2015-2019 година бил раководител на Секторот за туризам во општината.
Двајцата кандидати главната поента ја ставија во развој на туризмот за што општината располага со идеални услови, како и вложувања во надминување на повеќето проблеми со кои се соочуваат жителите и пред се во зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура, обичаи.
МАЕИ на овие избори сопствена советничка листа има единствено во Пустец каде носител на листата е Таќо Гроздани, генерален секретар на Партијата. Во други општини, меѓу кои Тирана, Корча, Подградец, Кукс, врз основа на договорот, има кандидати на листите на Социјалистичката партија. На минататите избори МАЕИ освои 4 советнички места.
Свои кандидатски листи меѓу неколкуте помали партии имаат и Социјалиситичката и Демократската партија.
Во единствениот избирачки список во Пустец запишани се 4.364 лица со право на глас, но поради миграцијата, која како појава е присутна во целата земја, реалната бројка на гласачи е помала, што потврдуваат и податоците од претходно спроведени избори, каде во просек своето право на глас го остваруваат околу 2.100 лица.
Во рамки на определениот термин МАЕИ имаше две изборни претставувања на албанската државна телевизија, првпат преку лидерот Васил Стерјовски и синоќа преку потпретседателот Ендрит Фетаху, кој воедно е и кандидат за советник за општина Тирана на кандидатската листа на Социјалистичката партија, врз основа на меѓупартискиот договор.
Во Албанија денеска се одржуваат локални избори на кои граѓаните избираат нови градоначалници и 1.063 членови на советите во 61 општина.