Тој кажа дека од Гостивар ја започнува серијата посети на пратеничките канцеларии низ земјава.
„ Тој проект е долгорочен, но не можеме никако да го затвориме и мислиме дека ни треба една сензибилизација. Затоа почнуваме од Гостивар. Доаѓаме со градоначалниците да разговараме, да им овозможат на пратениците да имаат канцеларии, за да можат граѓаните да се сретнат со пратениците, да разговараат, да дебатираат, да ги прашаат. Тоа е многу битно за нашиот демократски процес. Сакаме Собранието да го донесеме како институција до граѓаните“, рече Гаши по средбата со градоначалникот на општина Гостивар.
Во разговорите со првиот парламентарец, вд градоначалникот Ваљбон Лимани посочи дека се работи на надминувањето на проблемот со снабдувањето со електрична енергија во канцелариите во текот на идниот месец.
„ По оваа средба ќе започнеме со решавање на проблемот и во догледно време ќе овозможиме канцелариите за пратениците да станат функционални и да се овозможат средбите на граѓаните со пратениците од оваа зона“, рече Лимани.
Преку иницијативата „Мој пратеник“ во заградата во која е сместена локалната самоуправа има четири канцеларии наменети за средби помеѓу пратениците и граѓаните, но тие подолго време не функционираат заради неплатени сметки за струја. Гостиварските пратеници кои се сретнаа со собранискиот спикер добија уверување дека и тој ќе се заложи за надминување на проблемот.