„ Пријавениот Х. И. во својство на службено лице- министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти“, се појаснува во соопштението од Финансиската полиција.
Со горенаведените дејствија, се подвлекува, пријавениот Х. И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари.
Во иницијалите од пријавата на Финансиската полиција се препознава Хусни Исмаили, кој беше министер за култура во Владата , која ја предводеше Зоран Заев, а Исмаили беше и потпретседател на Собранието, во времето кога претседатетел на Владата беше Димитар Ковачевски.
Исмаили на функцијата министер за култура беше избран на 27 јуни 2019, а ја извршуваше до 30 август 2020 година. За време на неговото министерување, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поднесе и иницијатива до обвинителството за негово гонење, поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.