„Денеска на патрониот празник на градинките во Бутел, сакам да обелоденам еден скандал, нешто што се граничи со нехумано работење. Имено, станува збор за буквално кочење од страна на Министерството за труд и социјална политика за 26 согласности, од кои 16 се за негувателки и воспитувачки во градинките. Секој ден дечињата во општина Бутел остануваат без негувателки и воспитувачки и во оваа прилика сакам да се обратам директно до премиерот Димитар Ковачевски, но најмногу до министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска да не си играат со децата. Не би сакал ниту да помислам дека станува збор за политизирање, но, секако, станува збор за една нехумана работа“, вели градоначалникот Костовски.
Тој апелира веднаш да бидат одобрени согласностите коишто им се потребни, бидејќи, како што рече, поради недостигот на воспитувачи и негуватели, децата се принудени да работат во што поголеми групи, со што се губи квалитетот на воспитно-образовниот процес.
„Доколку не се постапи во најскоро можно време, ќе бидеме принудени заедно со родителите да направиме масовни протести пред Министерството за труд и социјална политика, бидејќи нема да дозволиме никој да си игра со нашите деца“, истакна Костовски.