Не е некоја новина на неколку месеци пред избори, макар тоа да не биле официјално распишани, да се множат огласи за вработувања во државните претпријатија, органи и служби. Се навикнавме низ трите децении демократија на македонски начин. Па така и за Македонски шуми не треба да се чудиме.
Списокот е така долг како да е ситуацијата ургентна па се потребни голем број дрвосечачи, надгледувачи на терен и тн… Како во лето кога по правило се сече дрво за да му се продаде на народ за греење во зима.
Можеби не е новина дека и за дрвосечач е потребно да се биде Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав…
Како што се изненадивме неделава дека за вработување на гинеколог на Клиника се бараше лекарот специјалист да биде Албанец (или Албанка, ако не заборавиле во огласот и таква можност). Така викал законот. А во законот не е примарно да се биде што подобар гинеколог, со повисоки оценки, со поголем број извршени стручни успешни интервенции, со позитивни резултати во кариерата…
За дрвосечач исто така нема некаков критериум во смисла, колку и какви шуми осакатил во интерес на граѓаните кои мора да се греат на дрва во 21 век, кога веќе државата не вовела евтин еколошки начин на загревање. Се разбира, дрвосечач треба да сече и заради самата шума, болни дрва на пример. Или дрва во Берово кои може да паднат и да повредат човек. Албанец тоа најдобро ќе знае да го направи познавајќи го теренот во Берово и беровско.
На буката Б и Битола е подвлечена како интересен дел од огласот.
А од друга страна, време државата да вработи лектор. Ведувањето на таква законска обврска уште се сопира во Собранието од страна на претседателот на собраниска комисија, пратеник Албанец. Зошто? Самиот си знае. Апелите од министерката за култура не допираат до него.
А зошто лектор? Албанецот, како и Македонецот и Турчинот и Србинот и… треба да имаат голема почетна буква, а омаловажено се напишани со мала – албанец, македонец… Или за дрвосечач не мора да се троши боја од принтерот? А можеби огласот е пишуван од лице од друга етничка припадност во чиј јазик е обратно, се пишува националноста (етничката припадност, нели) со мала буква? Па никој не смеел да му пререче и поправи?
И, да, на огласот не е заборавено да се напише дека е тоа државно претпријатие Национални шуми, а не како што постојано си го викаме Македонски шуми. И ние грешиме, намерно или не.
Ех, вечно Скопје и Македонијо!
П. Џамбазоски