Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека во војната првпат било употребено оружјето способно да носи нуклеарно полнење.
Според информациите објавени од украинското воздухопловство, проектилот бил лансиран од Астраханската област на Руската Федерација. Покрај тоа, Русија лансираше и аеробалистички ракети и неколку крстосувачки проектили.
Некои од нив се уништени, објавено е на профилот на украинските воздухопловни сили на Телеграм. Русија ги интензивираше своите воени активности откако Украина ги употреби западните долгометни ракети АТАКМС и сторм шедоу во нападите врз регионите Брјанск и Курск во Руската Федерација.
Рускиот претседател Владимир Путин одговори со промена на руската нуклеарна доктрина, проширувајќи ги условите за употреба на нуклеарно оружје.
Интерконтиненталните балистички ракети можат да носат нуклеарни боеви глави – што покренува прашања за тоа колку е реална заканата од нуклеарен конфликт и како треба да одговорат западните сојузници на Украина, според руските и украинските сервиси на Гласот на Америка.
Состојбата на борбената готовност на руските нуклеарни сили
Следењето на борбената готовност на руските нуклеарни сили е приоритет на американските разузнавачки служби, објаснува Метју Бан, експерт за нуклеарно оружје и поранешен советник во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.
„Колку што знаеме, тие се во состојба на подготвеност. Соединетите Американски Држави би биле во заблуда кога не би верувале дека Русија може да користи нуклеарно оружје доколку сака да го користи“, смета Бан.
▫️Interkontinentalne balističke rakete, poput one koju je 🇷🇺 nedavno ispalila na 🇺🇦, mogu da nose nuklearne glave – zbog čega se postavlja pitanje o realnosti nuklearnog sukoba?
📝Čitajte analizu @GolosAmeriki i @holosameryky 👉 https://t.co/FcdDaXkSG0
📹 Reuters pic.twitter.com/TBx5EDH6FB
— Glas Amerike VOA (@GlasAmerikeVOA) November 26, 2024
Последен пат, според Бан, американските разузнавачи сериозно ја разгледуваа опасноста Русија да употреби нуклеарно оружје за да ја нападне Украина кон крајот на 2022 година по успешната контраофанзива на украинските вооружени сили во регионите Харков и Херсон.
„Постои мислење дека ако Украина стане сериозна закана за Крим, за што шансите се педесет проценти, дека во тие околности Русија би одлучила да употреби нуклеарно оружје“, вели Џон Ерат од Вашингтонскиот центар за контрола на оружјето и непролиферација.
Ерат смета дека веројатноста за такво нешто е мала. Потсетува дека во текот на изминатите две години, како што наведува, се поминати многу црвени линии за такво нешто.
„Бевме сведоци на закани, директни и индиректни, со употреба на нуклеарно оружје. Се зборуваше за испраќање тенкови, борбени возила Бредли, дополнителни системи Патриот и ловци Ф-16 во Украина. Овој пат дојде до промена во политиката на користење нуклеарно оружје на хартија. Тоа е потег што не бил преземен претходно, но е во согласност со претходните реакции на Русија на слични чекори“, смета Ерат.
Тој посочува дека Русија го користи сето оружје со кое располага во војната против Украина.
„Руската страна нема морални ограничувања за употребата на нуклеарно оружје во Украина. И покрај тоа, тие никогаш не одлучија да го употребат. Тоа значи дека проценуваат дека ова оружје нема да им биде од корист“, смета Ерат.
Русија има цел да ја запре воената помош за Украина
Во текот на изминатите две години, Русија постојано се закануваше дека ќе употреби нуклеарно оружје. Експертите посочуваат дека целта на ова е да се заплаши Западот.
„Руската политика се состои од доследни обиди да се принудат земјите да престанат да ја поддржуваат Украина, да докажат дека Украина не може да победи и дека на Русија треба да ѝ се дозволи да ги диктира условите за прекин на огнот“, објаснува Џон Харди, експерт за безбедност во вашингтонската Фондација за одбрана на демократиите.
Тој е убеден дека е неопходно Западот да продолжи да ја поддржува Украина со сите потребни средства.
„Верувам дека на Украина треба да ѝ се помогне да гаѓа цели во Русија, вклучително и да обезбеди повеќе проектили. За да го постигнеме ова, треба да ѝ обезбедиме на Украина разни видови ракети“, вели Харди.
▫️Ruski napad balističkom raketom srednjeg dometa podstakao je strahovanja od nove, opasne, faze u ratu.
▪️Stručnjaci za Glas Amerike kažu da je Rusija upotrebom savremenijeg projektila poslala poruku Zapadu.
Čitajte 👉 https://t.co/CAhkNLFIuV
📹 Reuters i Glas Amerike pic.twitter.com/siNFR23Aip
— Glas Amerike VOA (@GlasAmerikeVOA) November 22, 2024
Сепак, Метју Бан смета дека ризикот од нуклеарна војна сега е најголем од Кубанската ракетна криза во 1962 година, кога Советскиот Сојуз постави нуклеарни проектили на Куба. Бан нагласува дека во овој случај недвосмислено треба да се користи дипломатијата.
„Малку се работи на намалување на опасноста, освен постојаното спомнување на одвраќање. Но само одвраќањето без дипломатија е опасно“, предупредува Метју Бан.
Џон Ерат потсетува дека своевремено Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз успеаја да го намалат вкупниот број на нуклеарните проектили за 80 отсто.
„За време на Студената војна, Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз тврдеа дека се потребни меѓу 70.000 и 80.000 парчиња нуклеарно оружје за да се спречи трета светска војна. Со текот на времето, тие сфатија дека оваа бројка е превисока и беше намалена. Сега во светот останаа околу 15.000 од нив“, забележува експертот.
Тој, исто така, смета дека не треба да се размислува за дополнителни намалувања, имајќи ги предвид тензиите во меѓународни рамки.
Згора на тоа, како што вели, постои опасност од зголемување на бројот на нуклеарните боеви глави, поради фактот што договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Руската Федерација за намалување и ограничување на стратегиското офанзивно оружје – СТАРТ 3 – истекува во 2026 година.
Тоа е последниот и единствен договор за намалување на нуклеарното оружје меѓу двете земји што сѐ уште е во сила.