среда, 11 декември 2024

Компаниите заинтересирани за поволните кредити од унгарскиот заем

Компаниите задоволни од условите за кредитите од унгарскиот заем. Од Сојузот на стопански комори (ССК) велат дека каматата е ниска, но добро ќе им дојде и грејс периодот. Ваквите услови, според нив, ќе ги охрабрат производните компании да инвестираат.

Објавено на

часот

Сподели

„Конечно од есенцијално значење се сфаќа што се производни компании. Тие се носители на додадена вредност во Македонија. Чинам дека се околу 15%. И сметаме дека е ова силен и квалитетен исчекор напред“, велат од ССК и ја охрабруваат Владата доколку може да пушти и повеќе пари во оптег за да се отвори инвестицискиот круг.

„Ако се сега 300 милиони евра, ако има потреба, чинам за милијарда евра, нека има и толку. Нека се отвори тој инвестициски круг. Многу е важно да се инвестира силно, да се исполнуваат условите, да бидат соодветни компании коишто ќе си ги регулираат тие обврски и конечно да дојдат парите во производните компании. Посебно во домашните производни компании. Ова го напоменувам зашто сметам дека производните компании со домашни сопственици се можеби клучниот сегмент каде треба да допрат овие финансии“, велат од ССК.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со унгарските пари, државата подготвена ќе ја пречека можната економска криза на пролет, поради кризата во автомобилската индустрија. Тој очекува инвестицискиот круг да биде околу 800 милиони евра. Половина милион преку општините, а 300 милиони преку компаниите, со оглед на тоа што и тие ќе треба да учествуваат со околу 20% од целокупната инвестиција за која ќе земат пари.

По преговорите со банките, Владата договори каматна стапка од 1,95% за стопанството и три години грејс период, а имаат опција за отплата до 15 години. Најголем кредит кој може да биде одобрен е 10 милиони евра. Банките ќе вратат 250 милиони евра како главница, а каматата од 1,95 останува за нив.

Претставници на компаниите велат дека можноста која им се отвора со овие пари за технолошки развој и проширување на капацитетите е од огромно значење, особено за малите и средните бизниси кои се набројни во домашната економија.

Во изјава за Фактор.мк Нина Неданоска, заменик-претседател на УО на Шпаркасе Банка АД Скопје вели дека ќе се вклучат во пласирањето на средствата од унгарскиот заем.

„По одржаните конструктивни состаноци со Владата на Република С. Македонија, сметам дека дојдовме до заеднички став за пласирање на оваа кредитна линија. Во целиот овој процес имаше заинтересираност на нанките за вклучување во оваа активност. Како значајна системска банка во земјата, Шпаркасе банка АД Скопје секако дека ќе се вклучи во пласирање на средствата од унгарскиот заем кој Владата го обезбеди за македонските компании. Подготвени сме да ја пласираме линијата и заедно со нашите клиенти да работиме на нејзино искористување согласно најавените критериуми од страна на Владата. И во минатото сме биле корисници на кредитни линии преку Развојна банка на Република С. Македонија, кои биле наменети за зајакнување на македонската економија и истите успешно се реализирале.

Вклучувањето во пласманот на оваа кредитна линија за нас е можност за градење долгорочно партнерство со нашите клиенти, како и значајна поддршка на инвестициски циклуси кои ќе го стимулираат растот на домашната економија во целина. Сакаме да служиме како пример во банкарската индустрија и пример во бизнис-заедницата со цел да мотивираме вклучување на различни субјекти кои ќе работат заедно со нас во насока на создавање здрав економски амбиент во земјата“, изјави Неданоска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ