среда, 4 декември 2024
Избрана новата Европска комисија

Кос: Очекувам Македонија да го смени Уставот за да се забрза процесот за нејзин влез во ЕУ

Очекувам Македонија да го смени Уставот, ништо повеќе, ништо помалку, изјави новата еврокомесарка за прошрување Марта Кос, по денешното гласање за Европската комисија во Европскиот парламент во Стразбур, Франција. Таа за МКД.мк вели дека верува дека тоа е можно по што, како што кажа, навистина да се забрза процесот за влез на Македонија во Европската Унија (ЕУ). Европскиот парламент (ЕП) денеска со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани го одобри изборот на новата Европска комисија (ЕК) предложена од претседателката Урсула фон дер Лајен. ЕП денеска го усвои и Буџетот на ЕУ за 2025 година, вреден над 199,4 милијарди евра. И додека Европскиот парламент заседаваше, надвор пред зградата на парламентот поголема група граѓани одржуваа протест во знак на поддршка на Палестина.

Фото: И.О.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашње дали има гаранции дека уставните измени би биле последното барање, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос рече дека таа не онаа која може да даде одговор на тоа прашање.

Таа исто така порача дека ќе ги посети сите земји кандидати и дека, конкретно околу Македонија, ќе зборува со властите кај нас и во Бугарија за да им укаже дека решението е кај нив, а не во Брисел.

„Ќе зборувам колку што е можно повеќе со луѓето кај вас и во Бугарија. Треба да покажеме дека е во наши раце решавањето на овој билатерален проблем. Со ова и следејќи ги европските вредности на двете страни, ќе можеме да го направиме тоа што е најдобро за Северна Македонија и тоа што е најдобро за Европската Унија. Проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години, променета е геополитичката ситуација, а со тоа и динамиката на проиширувањето денес е сосема друга“, порача Кос.

Таа оцени дека нејзиното назначување за еврокомесарка за проширување е позитивно за Западен Балкан.

„Ќе работам колкушто е можно повеќе со државите, да ги посетам сите и навистина да работиме за нивен влез во ЕУ. Имаме реални шанси во следните неколку години, да доведеме неколку држви до крај на процесот. Не знам која ќе биде таа држава, но ќе биде онаа која ќе ги исполни сите услови“, рече Кос.

Европскиот парламент денеска со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани го одобри изборот на новата Европска комисија (ЕК) предложена од претседателката Урсула фон дер Лајен.

За да биде одобрена Европската комисија требаше да добие поддршка од мнозинството европратеници кои гласаа или во случајов 345 гласа.

По одобрувањето на ЕК, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола го потпиша Писмото за потврдување на изборот и ѝ го предаде на Фон дер Лајен.

Новата Еврокомисија ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката Фон дер Лајен, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари.

Европскиот парламент денеска на заседанието во Стразбур со 418 гласа за, 185 против и 67 воздржани го усвои Буџетот на ЕУ за 2025 година, во вкупен износ од над 199,4 милијарди евра, од кои 800,5 милиони евра се наменети за реагирање на непредвидливи потреби.

И додека Европскиот парламент заседаваше, надвор пред зградата на парламентот поголема група граѓани одржуваа протест во знак на поддршка на Палестина.

 

Од Стразбур за МКД.мк, Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ