понеделник, 9 декември 2024

Денес во „Јавна соба“ промоција на книгата „Водич за ослободување од тага“ од Билјана Пешева

Денес во 17 часот во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Водич за ослободување од тага“ од Билјана Пешева. Таа вели дека инспирација за книгата е нејзиното лично искуство кое може да се прочита низ овие страници.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога почнав да ја пишувам книгата ‘Водич за ослободување од тага’, нејзината главна инспирација беше лично искуство. Тагата, како длабока и сложена емоција, била мој сопатник во различни периоди од животот – загуби, разделби, кризи. Таа често ја носев како тежина, дури и несвесно, но со текот на времето научив дека тагата не е само товар, туку и учителка што може да ни отвори врата кон внатрешен мир и разбирање на себеси. Тагата е природен одговор на загубата, разделбата или траумата. Таа е како сенка што ја притиска душата и телото, создавајќи чувство на празнина и тежина. Но, тагата не е само негативна – таа е сигнал од нашето тело и ум дека нешто бара внимание, промена, исцелување“, вели авторката.

Во книгата пишува: „Тагата е истовремено празнина и можност – таа може да нè потисне или да нè поттикне на раст. Сè зависи од тоа како ќе ѝ пристапиме. Честопати луѓето ја избегнуваат тагата или се обидуваат да ја сокријат, но тоа само ја засилува. Клучот е да ја прифатиме, да ја разбереме и да научиме како да се движиме низ неа“.

Оваа книга е водич за оние кои се чувствуваат заглавени во животот и болката или не знаат како да се соочат со неа. Таа е создадена за сите што сакаат да ја трансформираат тагата во разбирање, прифаќање и внатрешна хармонија.

Книгата нуди не само теорија, туку и практични алатки за: разбирање на тагата и нејзиното влијание врз нас, справување со потиснатите емоции, развивање на здрави релации со себе и со другите, наоѓање на личен мир преку техники за дишење и медитација и дневнички записи.

Преку страниците, читателите ќе се запознаат со едноставни, но ефективни вежби кои можат да се применуваат секојдневно. Тие техники не се само за надминување на моменталната болка, туку и за градење на долгорочна емоционална и ментална благосостојба.

„Мојата цел со ова дело беше да ја споделам пораката дека тагата не мора да биде крајот, туку нов почеток. Сакав да создадам нешто што ќе допре до луѓето, што ќе им покаже дека не се сами и дека има начини да се чувствуваат подобро. Во мојата работа како тренер и терапевт, сретнав многу луѓе кои се бореле со болка, но исто така и со надеж. Оваа книга е за нив, за вас, и за сите нас кои бараме начин да го пронајдеме светлото во најтемните моменти“, додава Пешева.

Нејзината порака е: „Тагата е дел од животот, но таа може да биде и патот до нашата најголема сила.“

Книга, „Водич за ослободување од тага“, е достапна за купување во книжарницата Или Или, како и да ја нарачате онлајн преку веб-страницата: www.healthylifeskills.mk

Билјана Пешева е национално квалификуван обучувач за возрасни според законот за образование во Република Македонија, проучувач на психолошкиот правец трансакциска анализа со поминато едукација во земјата и странство со повеќе од 600 работни часа, тренер за подобрување на интелектуалните и интерпесонални вештини кај индивидуалците и организациите, духовен практикант и трагач, хата јога инструктор, тренер за сеопфатна лична благосостојба (wellness coach) и Терапевт во Констелации по методот на Андреј Каримов во работа со Поле и Семејни констелации со повеќе од 150 работни часа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ