Миленковски ја водеше репрезентацијата на Македонија од 1997 до 2008 година, а на селекторската позиција се враќа од Грција каде беше тренер на ПАОК и од недоамна го освои Купот на Грција.
Најдобриот македонски одбојкарски тренер ќе седне на кормилото за да ја предводи Македонија на претстојното Европско првенство на кое сме ко-организатори заедно со Италија, Бугарија и Израел и сме домаќини на групата Ц.
„Имаме нов селектор, мислиме дека го одбравме најдоброто, плус најдобро што е македонски производ, така да нов селектор на одбојкарската селекција ќе биде Јошко Миленковски. Мислам дека сите созреавме, најдовме едно одлично решение и со задоволство ќе ја водиме Македонија на ова Европско првенство“, рече Јовановски.
Миленковски е поранешен тренер на Борец и Работнички во Македонија, како и на црногорска Будванска Ривиера, туниски Сфаксиен, турските Малије Мили Пијанго, Зират Банка Анкара, беше селектор и на Турција во 2017 година, како и на грчките Фионикас Сирос и ПАОК.