Во интервјуто за „Слободна Европа“ министерката вели дека процесот сè уште не е комплетиран, туку постепено утврдуваат „една по друга нерегуларност“, а засега е констатиран нелегален избор на двајца наставници на Тетовскиот универзитет и дека таму инспекцискиот надзор сè уште трае. Во однос на предложените измени на Законот за основно образование, кои се соочуваат со предизвикот на прецизирање на антидискриминацијата, Јаневска вели дека има апсолутна нетолерација спрема секаков вид дискриминација, но законот не треба да се оптоварува со номотехничко детализирање.
„ Имаме проблеми на универзитетот „Апостол Павле“ и таму се утврдени нерегуларности. Имаше сериозен проблем на универзитетот во Струга, таму ја затворивме насоката за медицински науки. Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се. Повторно ја прави проверката, ако се отстранети следува нов извештај. Ако не се отстранети следуваат некакви пенали и во моментов за два случаја имаме т.н. порамнување, кога универзитетот треба да плати казна. Порамнувањето го прави МОН, за казната да биде помала. Значи, во моментот се случуваат такви два процеси. Затворивме два научни институти и мислам дека во брзо, во најскоро време, ќе затвориме уште два“, вели Јаневска.
На прашањето дали ќе се затвораат универзитети, министерката одговори дека тоа во овој момент не може да го тврди, но инспекцискиот надзор, како што рече, „ќе каже што ќе треба да се направи тогаш кога ќе биде завршен“.
Во однос на антидискриминацијата во образованието и тоа што во предложените измени на Законот за основно образование се наведува дека „во основното образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација по основ на пол, раса, националност …“, но се брише „родовиот идентитет“ и „сексуалната ориентација“, како што стои во актуелниот закон, Јаневска одговара дека со наведувањето на „и друго“ во текстот се опфатени сите видови дискриминација.
„ Апсолутно сме против секаков вид на дискриминација, но по реакциите кои ги имаше во македонската јавност, целокупната јавност, заклучивме дека треба да бидеме внимателни во однос на тоа како се изразуваме. Ние имаме континуитет и во Законот за средно образување се спомнува родовата еднаквост. Да не биде недоразбирање, на крајот на реченицата има ‘и друго’, што опфаќа секаков вид на дискриминација. Не знам зашто би требало да го оптоваруваме законот и да ги набројуваме сите видови дискриминации кои постојат, затоа што тоа е номотехника. Зборот ‘и друго’ на крајот на реченицата ги опфаќа сите можни постоечки видови на дискриминација“, појаснува министерката за образование и наука, Весна Јаневска.