среда, 26 јуни 2024

Израелската војска тврди дека презема тактичка пауза во офанзивата за да овозможи поголема испорака на помош

Израелската војска објави денеска „тактичка пауза“ во својата офанзива во јужниот дел на Појасот Газа за да овозможи испорака на поголема количина хуманитарна помош.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Паузата започнува во 08:00 часот по локално време и ќе биде во сила до 19:00 часот (18:00 часот по средноевропско време), соопштија од војската и најавија дека такви паузи ќе има секој ден до дополнително известување.

Целта е да им се дозволи на камионите да стигнат до блискиот премин Керем Шалом, кој е под израелска контрола и е главен премин за испорака на помош и безбедно патување на автопатот Салах ал-Дин од северот кон југот за испорака на залихи до други делови на Газа, соопшти војската.

Ваквиот потег е координиран со ОН и меѓународните хуманитарни организации.

Преминот е преоптоварен откако израелските копнени сили влегоа во Рафа на почетокот на мај.

Осуммесечната воена офанзива на Израел против палестинската екстремистичка организација Хамас ја втурна Газа во хуманитарна криза и ОН предупредуваат на широко распространет глад.

Меѓународната заедница апелираше до Израел да ги олесни страдањата на жителите.

Според податоците на Канцеларијата за хуманитарна помош (ОКХА) од 6 мај до 6 јуни, ОН во просек дневно примале по 68 камиони кои превезувале помош.

Протокот на помош на југот на Појасот Газа е намален бидејќи хуманитарните потреби се зголемени.

Повеќе од еден милион Палестинци, од кои многумина веќе биле раселени, побегнале од Рафа по инвазијата, па другите делови на јужниот и централниот дел на Газа се пренаселени.

Повеќето од оние што избегале сега се во шатори и користат ровови како тоалети и отпадни води течат низ улиците.

Одделот КОГАТ на израелското Министерство за одбрана, кој ја надгледува дистрибуцијата на помошта за Газа, рече дека нема ограничувања за влез на камиони и тврди дека повеќе од 8.600 камиони од секаков вид, и за превоз на помош и комерцијални, влегле во Газа преку сите премини од 2 мај до 13 јуни, во просек 201 дневно.

Но, голем дел од помошта била натрупана на премините и не стигнала до крајната дестинација.

Шимон Фридман, портпарол на КОГАТ, рече дека неуспехот на ОН е што товарот стоел на палестинската страна на преминот Керем Шалом и дека агенциите имаат „фундаментални логистички проблеми што мора да ги надминат“, особено недостатокот на камиони.

ОН ги негираат овие обвинувања и наведуваат дека поради борбите меѓу израелската војска и Хамас, движењето на камионите на ОН во Газа до Керем Шалом е премногу опасно.

Се проценува дека темпото на испораки е забавено бидејќи израелската војска мора да ги овласти возачите да возат, систем кој Израел вели дека е насочен кон нивна безбедност.

Бидејќи нема обезбедување, групи луѓе понекогаш ја крадат помошта.

На самиот почеток на овие хуманитарни акции, не било јасно дали војската ќе обезбеди заштита за камионите додека се движат по автопатот во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ