Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела.
Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност.
Изложбата ја подготви кустосот советник, д-р Ана Франговска. Поставени се околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а истите се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски. На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ја претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што проектот добива една мултимедијална димензија и разновидни сензации.