четврток, 5 декември 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Има поефикасни решенија за аерозагадувањето

Денес и минатите денови Скопје се наоѓа на врвот на списокот на градови со најголемо загадување на воздухот во светски размери. Ако се земат предвид и другите градови во Македонија каде што има мерни инструменти, тогаш гледаме дека ситуацијата е слична и таму, речиси во целата земја.

За оваа алармантна состојба се зборува и се пишува секој ден при што се презентираат изјави од членови на Владата, членови на локалните самоуправи, од разни институции, експерти итн., а во врска со причините за загадување на воздухот и како да се најде решение за проблемот кој постои повеќе години. Сите надлежни органи кажуваат дека преземаат мерки, дека проблемот е сложен и треба подолго време за да има резултати.

Пред неколку дена Владата на РМ соопшти дека проблемот ќе се решава со изградба на когенеративни гасни централи кои произведуваат електрична енергија и топлина, и дека бараат инвеститори кои ќе работат врз основа на пазарни услови. Резултатите треба да се очекуваат по три до четири години. Ова не е така едноставно, има многу работи и предуслови така што мислам дека во тој рок не може да се постигне тоа планирање.

Според разни испитувања и анализи е утрврдено дека најголемото загадување на воздухот доаѓа од согорување на дрвото за огрев. Ова се потврдува и со фактот дека аерозагадувањето се јавува на почеток на грејната сезона и потоа го нема по завршување на истата со мали исклучоци. Во Стратегијата за енергетски развој на РМ е наведено дека над 60% од домовите користат дрво за греење, а според Заводот за статистика на РМ тоа се 253.000 домаќинства. Според една студија направена од МАНУ и подржана од УНДП (2017 г.) околу 47% од домаќинставата во Скопје користат цврсти горива (претежно огревно дрво).

За да се согледа проблемот подобро ќе наведам дека неколку факти за дрвото. Свежо исеченото дрво има вода околу 50% и тоа никако не смее да се користи веднаш за горење. Огревното дрво мора да биде суво со соджина на вода од 15 до 20%. Ако огревното дрво е влажно над 20%, огнот не се разгорува како што треба. Дел од топлината се троши за испарување на водата наместо да се развие поголем пламен и повисока температура. При согорување на влажно дрво емисиите на честичките ПМ-10 и ПМ-2,5 се значително поголеми.

Периодот на сушење на дрвото за постигнување на 15 до 20% влажност зависи од типот на дрвото. Кај меките дрва (бор, ела, топола и сл.) тоа е 6 до 12 месеци, а кај тврдите дрва (даб, бука, јавор и сл.) е над 12 месеци. Дрвото може да се суши на отворен простор, но да биде покриено заради заштита од врнежи, може под натстрешница или во сув затворен простор со провев (не во влажен подрум).

Во директни телефонски контакти со неколку подружници на Македонски шуми добив информации дека тие не обрнуваат внимание на влажноста на дрвата. За нив е важно да обезбедат огревно дрво (сеча, транспорт, складиште), да го продаваат на граѓаните, а испораката е неколку недели според извршено плаќање. Значи, тие не испорачуваат суво дрво. Соодветното сушење на дрвото треба да си го организираат самите купувачи. Но најголемиот број од нив не се информирани за содржината на вода во дрвата и не се свесни дека тоа е едно од најбитните работи за да се има успешно греење со огревно дрво. За ефикасноста на старите печки овде не правам осврт.

Оваа практика мора да се смени, а за тоа треба да се погрижат сите засегнати страни: корисниците, снабдувачите (Македонски шуми и др.), локалните самоуправи и државата. Прв чекор е информирање на граѓаните, како правилно да се користи огревното дрво, каде и како да се складираат дрвата да не бидат влажни, итн. На прв поглед изгледа дека тоа е едноставна работа, но не е така. Се разбира дека може и мора да се најде некое решение за овој проблем. Според мое мислење, најдобро е сушењето на дрвото да го вршат Македонски шуми во соодветно изградени складишта со поголем капацитет и тоа најмалку неколку месеци.

Воведувањето на топлински пумпи за греење на просториите не се сфаќа сериозно во нашата земја. Тоа е тренд во светот потврден од сите страни вклучувајќи ја Меѓународната агенција за енергија (IEA). Кај нас во јавноста на ова се гледа како греење со сплит клима уреди што е сосема погрешно. Постојат топлински пумпи со мал, среден и голем топлински капацитет од неколку kW до 20 MW (најново до 50 MW ) од типот вода-вода и воздух-вода. Во Македонија веќе има инсталирани топлински пумпи во големи објекти: хотели, трговски центри, болници и др. Не ми е јасно зошто во голем број јавни објекти на државата и локалните самоуправи сѐ уште се користат системи со мазут и нафта, а проблемот може да се реши со топлински пумпи.

Наместо да се градат когенеративни гасни централи за топлификација, може да се инсталираат големи топлински пумпи со капацитети соодветни за поедини квартови од градот. Дополнителна предност е што ова решение може да се примена веднаш без да се чекаат години. Топлинските пумпи имаат и други предности, но за тоа во некоја друга пригода.

Да нагласам дека природниот гас не е еколошко гориво, а когенеративните гасни централи треба да се сметаат како транзиционо решение. Ако се градат, тоа треба итно да се направи бидејќи гасот полека се исфрла од употреба во цел свет до 2050 година.

На крајот да резимирам дека во моментов постојат поефикасни решенија за значително ублажување на аерозагадувањето:

1) Веднаш е потребна широка акција за информирање на граѓаните да не горат влажно дрво, а другите засегнати страни да помогнат како да се прави претходно сушење на дрвото.

2) Сериозен пристап кон употреба на топлински пумпи за што веќе имаме знаење и услови.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

Рајко Пеколски

Надворешни работи

Стефан Вељановски

Што се Осломеј 2 и ФЕ Битола 1?

Фросина Крушкаровска

Мизогинијата како влезен наратив кон радикализација

Данијела Зорчец

Како да им го олесниме животот на децата со оштетувања на...

Зоран Дабиќ

Македонско трчање за функција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ