Еден од заклучоците е дека зголемената транспарентност на сите учесници во политичката комуникација, пред сè на официјалните институции е значителен чекор напред во сузбивањето на овие штетни наративи и за зголемување на меѓусебната доверба на сите чинители во општетството.
„Градењето на здрави демократии врз основа на принципите на слобода и инклузивност е од суштинско значење за сите општества и го намалува просторот за штетни политички наративи и дезинформации, истакна британскиот заменик-амбасадор Даниел Филер, кој беше еден од воведничарите на денешната конференција „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“, потврдувајќи дека Велика Британија ќе продолжи да работи со партнерите во насока на намалувањето на просторот за дезинформации и штетни наративи.
„ Горди сме што заедно со нашите партнери ИКС, работиме заедно на промовирање на професионални фактичко новинарство, како и на промовирање транспаретност и отчетноста во државните институции во Македонија. Велика Британија е силен и долготраен и долгорочен партнер на Македонија. Ние ќе продолжиме да работиме со нашите партнери во насока на намалување на просторот за дезинформации и штетни наративи, какои во давањето на поддршка на институциите медиумите и граѓанското општество, а со цел зајаканување на демократските процеси и поддржување на демократските вредности во државата“, рече Филер.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така беше воведничар на конференцијата истакна дека отчетноста и транспаретноста се приоритет на Владата.
„ Тука сме за да покажеме дека како Влада отчетноста и транспаретноста се наш приоритет и дека ќе продолжиме да функцонираме. Нормално веќе шести месец како Влада функционираме. Секогаш се трудиме да бидеме што е можно повеќе транспарентни. Јас секогаш се трудам да одговорам на сите прашања. Нема посакувани и непосакувани прашања. Секогаш кога сум бил прашан не сум избегнал ниту една тема. Се разбира дека постои простор за подобрување, секогаш постои можнсот да бидеме подобри. Но ценам дека досега покажавме еден поинаков квалитет дека за нас нема вакви или такви прашања, вакви или такви медиуми, буквално како Влада се трудиме секогаш да дадеме одговор на секое прашње и на секој медиум којшто ќе допре до нас“, рече премиерот.
Во однос на прашањето дали Владата има конкретна програма за медиумско информирање во училиштата, Мицкоски истакна дека овој е процес во кој сите чинители ќе треба да работат на изготвување на некакво решение за ова прашање.
„ Тоа е посуштински проблем и тоа не се решава преку ноќ… Ова е еден процес во кој треба медиумите, јавноста и од друга страна Владата бидејќи таа е која што има мнозинство во законодавниот дом, да изготвиме некое решение но тоа да не биде сфатено како цензура или нешто коешто ќе може да ги наруши човековите права, туку да биде нешто коешто ќе биде демократска алатка со која ќе можеме да ги катализираме вистинските информации да стигнат во вистинско време на вистинско место“, рече Мицкоски.
На првиот дел од конференцијата, професорката Елеонора Серафимовска ги презентираше резултатите од деветмесечното истражување на ИКС за штетните наративи во Македонија, во периодот од септември 2023 до мај 2024, односно предизборниот и изборниот период. Според прикажаните резултати, шетните наративи во македонскиот комуниникациско-политички простор се присутни 21 отсто од целокупната комуникација, а во истражуваниот период биле прекршени сите стандарди и начела за коректна политика комуникација: начелото за транспарентност, професионалност и непристрасност во комуникацијата со владините претставници, комуникација базирана на докази, неширење на говор на омраза и дискриминаторски говор, етичка комуникација и зачувување на слободата на говор… Една од светлите точки во политичката комуникација во Македонија е отсуството на ксенофобија и сексизам.
Ноеми Аричидиачоно, соработник на проекти на ОДИХР, ги изнесе клучните наоди на изборниот мониторинг на ОБСЕ-ОДИХР во Македонија, добиени главно од слдењето на профилите на социјалните мрежи на претседателските кандидати и на партиите. Забележана е поумерена реторика на личните профили на кандидатите, додека таа на политичките партии била понегативна спрема опонентите.
Професората Аленка Јелен од Универзитетот Стерлинг во Шкотска имаше излагање за тоа како можеме да ги сочуваме демократските вредности, етичките стандарди и јавната доверба во ерата на пост-вистина во политиката.
Професорот по комуникација и медиуми, Вацлав Штетка од Универзитетот Лофборо од Обединетото Кралство говореше за кризата на довербата, односно како токсичната реторика влијае на медиумите и институционалната стабилност, воведувајќи го и терминот „илиберализам“ како поим во науката за комуникации, произлезен од современата комуникациска практика и трендови.Втората сесија на конференцијата беше на тема : Површното наспроти „бавното“ новинарство, односно можат ли медиумите да помогнат во враќањето на јавната доверба. Своите согледувања на темата имаше новинарката Фросина Димовска со поуки од праксата, т.е. како медиумите можат да ја поттикнат одговорноста во македонската политика. Портпаролката на Владата, Марија Митева говореше за тоа како Владата дава приориет на отвореноста при градењето доверба. Новинарот Курт Странд од Данска ги изнесе своите согледувања како конструктивното новинарство може да биде лек за поларизацијата, додека директорот на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски истакна дека ЗНМ секогаш се стреми кон повисоки стандарди на одговорност во новинарството.
Ј.П.