четврток, 5 декември 2024

Иако е со закон обврзана, Општина Маврово-Ростуше досега не урнала ниту една дивоградба

Општината Маврово-Ростуше не постапила согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно во последните пет години нема иницирано постапка за донесување на урбанистички планови и нема подготвено и доставено годишен извештај до Министерството за транспорт и врски за користењето на средствата по овој основ, што влијае врз транспарентноста и отчетноста за нивното наменско користење“, велат од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Извештајот за ревизија на работата на Општина Маврово-Ростуше за 2023 година. ДЗР уште утврдил дека општината не ги спроведувала решенијата на Градежниот инспекторат за уривање на дивоградбите, не наплаќала ниту комунална такса, а нема донесено ниту програма за одржување на јавната чистота во општината.

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот, на општината не ѝ биле важни ниту контролите на градежниот инспектор кој во 2023 година издал осум решенија за уривање на бесправно изградени објекти согласно Законот за градење.

„Во решенијата е предвиден рок инвеститорот сам да го отстрани бесправно изградениот објект, а во спротивно општината ќе пристапи кон административно извршување на решението на трошок на инвеститорот. Инвеститорите не пристапиле кон самостојно отстранување на бесправно изградените објекти ниту пак општината презела активности за административно извршување на решението што не е во согласност со член 142 од Законот за градење. Во текот на 2022 година, од страна на општината објавени се два огласи за спроведување на јавна набавка за уривање на бесправно изградени објекти и расчистување на парцели, но истите биле поништени поради не пријавување на ниту еден понудувач, а 2023 година, општината иако ја предвидела во Годишниот план за јавни набавки не ја спровела постапка за ангажирање на економски оператор кој ќе го изврши рушењето“, констатирале ревизорите.

Општината не ги спроведува решенијата за уривање на дивоградбите

Во 2023 година, Општина Маврово и Ростуше по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти остварила приходи во износ од 715 илјади денари. Средствата остварени од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, општините се должни да ги користат наменски за донесување на урбанистичка планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти и за инфраструктурно уредување на просторот во кој се наоѓаат истите, нешто што Општина Маврово-Ростуше не го правела.

Во Општина Маврово и Ростуше, согласно измените на законот во рок се поднесени вкупно 5.277 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, од кои 1.544 се решени, 2.315 одбиени и 1.422 барања се во постапка.

Поради сето ова од ДЗР му порачуваат на градоначалникот Медат Куртовски да преземе мерки и активности за изработка на урбанистички планови, нивно донесување од советот на општината, да изработи и да достави годишен извештај до Министерството за транспорт и врски за користење на средствата од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, да спроведе постапка за јавна набавка за избор на фирма за уривање на бесправно изградените објекти и административно извршување на решенијата издадени од градежниот инспектор.

ДЗР уште утврдил дека општината не ги спроведувала решенијата на Градежниот инспекторат за уривање на дивоградбите.

„Во 2023 година, општината нема утврдено и наплатено комунална такса за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и користење на простор пред деловен простор предвидени со Законот за комунални такси, ниту е донесена одлука за висината на комуналните такси што не е во согласност со истиот законот. Исто така, општината нема донесено Програма за поставување урбана опрема, со која се утврдува бројот, видот и големината на урбаната опрема, како и локациите и објектите на кои може да се постави истата, што не е во согласност со Законот за градење и Законот за локалната самоуправа. Неостварените приходи по овој основ влијаат на буџетот на општината, а недонесената програма влијае врз активностите за заштита на јавниот интерес, унапредување на јавниот простор и во подобрување на неговото користење“, велат од ДЗР.

За надминување на овие неправилности, ревизорите на градоначалникот Куртовски му препорачуваат да донесе одлука за висината на комуналните такси и утврдување и наплата на комуналната такса за истакнување на реклами, да објави и да огласи на јавни места и да донесе програма за поставување урбана опрема и издавање на просторот за поставување на рекламни самостоечки паноа.

Маврово-Ростуше нема програма за одржување на чистотата во општината

Државните ревизори уште утврдиле дека Општина Маврово-Ростуше нема донесено одлука со која се регулира одржувањето на јавната чистота на јавните површини, начинот на користење на јавните површини и собирањето на сметот, чистење на снег и мраз, отстранувањето на предмети кои ја загрозуваат јавната чистота, како и мерките за спроведување на одлуката, што не е во согласност со Законот за јавна чистота

„Општина Маврово и Ростуше не остварува приходи од надоместокот за одржување на јавната чистота и истите ги нема предвидено во буџетот за 2023 година, од причина што советот на општината нема утврдено висина на надоместок за одржување на јавната чистота, во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата и обемот за одржувањето на јавните површини, што не е во согласност со Законот за јавна чистота. ЈПКД Маврово кое ги спроведува надлежностите има донесено Програма за работа која е усвоена на Советот на Општина Маврово и Ростуше. Во истата планирано е преземање на водоводите од месните заедници и нивно одржување од страна на јавно претпријатие, собирање и транспортирање на комунален и неопасен отпад, но нема предвидено финансиски средства за нивна реализација. Општината во текот на 2023 година не издвоила средства од буџетот за финансирање на активностите на јавното претпријатие. Градоначалникот на опшштината нема склучено договор со јавното претпријатие за уредување на меѓусебните права и обврски, што не е во согласност со Одлуката за извршување на буџетот на Општина Маврово-Ростуше за 2023 година. Наведените состојби упатуваат дека Општина Маврово и Ростуше во 2023 година не спроведува активности за одржувањето на јавната чистота во општината и не остварува приходи по основ на надомест за одржување на јавната чистота“, се наведува во извештајот на ДЗР.

По ова, во 2024 година, Советот на Општина Маврово и Ростуше донел Програма за одржување на јавна чистота на територијата на општината, за што се издвоени 500 илјади денари буџетски средства и склучен е договор со јавното претпријатие за регулирање на меѓусебните права и обврски.

Од ДЗР препорачуваат надлежните органи на општината да преземат мерки и активности за донесување на одлука за утврдување на висината на надоместокот за одржување на јавната чистота како и начинот на собирање на средствата од овој надоместок.

Општината издавала деловен простор под кирија без претходен договор

Во текот на 2023 година, општината остварила приходи по основ на давање под закуп на општински имот. Општината располага со деловен простор со површина од 49 метри квадратни и 19 метри квадратни во село Ростуше кои со години наназад ги користеле приватни фирми, за кои општината не спровела постапка за нивно издавање, а приходот што го остварува е врз основа на договори од минати години.

„Ваквото постапување не е во согласност одредбите од Законот за локалната самоуправа и од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и придонесува за несоодветен и субјективен начин на користење на просторот и непочитување на буџетското начело за транспарентност, а има влијание и на помалку остварени приходи по овој основ“, констатирале ревизороте.

Затоа, од ДЗР препорачуваат градоначалникот, по дадена согласност од Советот на општината, да преземе мерки за спроведување постапка за давање на користење на стварите во сопственост на општината и склучување договор со закупците. Од Заводот уште препорачуваат Куртовски да преземе мерки да се евидентира сопственоста на основните училишта со кои располага општината.

Набавката на стоки и услуги се вршела без претходно требовање

Државниот завод за ревизија нашол и неправилности при јавните набавки за улично осветлување и набавка на градежни материјали (бекатон плочки), за што се исплатени средства во износ од 1.574 илјади денари.

Согласно договорите стоките се испорачуваат сукцесивно и општината нема обврска да ги искористи сите предвидени ставки. Со извршениот увид во начинот на евиденција на приемот и издавањето на материјалите за улично осветлување и бекатон плочките констатиравме дека испораката на стоките се врши без претходно барање/требување што не е во согласност со одредбите од член 6 од договорите во кој е предвидено дека носителот на набавката е должен испораката да ја врши исклучиво по барање на општината, сукцесивно во рок од 3 дена. Имајќи во предвид дека се набавуваат поголеми количини, ваквото постапување не дава потврда за потребата од набавка на истите. Поради не воспоставено магацинско работење, материјалите кои се набавуваат сметководствено веднаш се ставаат во употреба, иако се искористуваат сукцесивно со работни налози. На овој начин општината не е во можност да го следи потрошокот на залихите, односно дали целокупната стока што е набавена е искористена во целост или останала на залиха. Утврдените состојби не се во согласност со одредбите од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Оттаму направиле ревизија и на набавката на службени автомобили со која било утврдено дека  општината од различни добавувачи користела услуги за сервисирање на службени возила за што во текот на 2023 година преземала обврски во висина од 885 илјади денари и исплатила 677 илјади денари.

„Иако општината располага со девет патнички моторни возила, три трактори и еден ровокопач, во годишниот план за јавни набавки не е предвидена ниту спроведена постапка за сервисирање на истите. Ваквиот начин на постапување не е во согласност со Законот за јавните набавки и не обезбедува конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, транспарентност и интегритет во процесот на доделување на јавни набавки, рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување на договори за јавна набавка“, констатирале ревизорите.

Тие му препорачуваат на градоначалникот Медат Куртовски да преземе мерки при донесување на Годишниот план за јавни набавки да се планираат вкупните потреби за набавки на стоки, услуги и работи согласно реалните потреби и расположливите средства за набавки за тековната година и спроведување на соодветни постапки за јавни набавки како и да изготви барање/требување пред секоја испорака на стоки.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ