„Поддршката на општините со финансиските инструменти на Унијата е од значителна важност за нас, за јакнење на нашите административни капацитети, подобрување на инфраструктурата и поддршката во реформите кои ќе доведат до усогласување со вредностите, но и со стандардите на Унијата, во насока на подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните“, рече Ѓоргиевски.
Тој појасни дека првата тема на денешната средба е стандардно посветена на напредокот на нашата земја на патот за членство во Европската Унија.
„Јас и сѐ уште голем број од нашите граѓани и понатаму сакаме да бидеме дел од европското семејство, каде што всушност географски и припаѓаме. Сакаме и работиме на имплементирање на европските стандарди и вредности, но не сакаме членство по секоја цена“, нагласи Ѓоргиевски.
Според него, мошне интересна за дискусија е темата за владеење на правото и улогата на локалните заедници во борбата против говорот на омраза, злосторствата од омраза, лажните вести и странското влијание.
„Ова всушност е и мошне актуелна тема, со оглед што следната година имаме и претседателски и парламентарни избори. На агендата за денешниот состанок се ставени за дискусија навистина компетентни лица од земјава, но и од Европската Унија и се надевам дека и во оваа област ќе добиеме корисни искуства и насоки“, додаде претседателот на ЗЕЛС.