„ Се согласувам дека треба нов етички кодекс на Собранието за да ги зајакнеме укажувањата и кога ќе се констатира дека некој го прекршил да има поголеми последици. Во фаза сме да имаме компаративна анализа од другите собранија како тоа е уредено, за да видиме кој меѓу етичките кодекси е најсоодветен за нашите прилики. Јас сум многу посветен на тоа да го подигнеме кредибилитетот и достоинството на Собранието. Од првиот момент откако седнав на тоа столче укажувам на Етичкиот кодекс. Сакаме да го применуваме тој кодекс, потоа сакаме да донесеме и нов, уште подобар кодекс уште подобар. Но сепак тоа останува до совеста на секој пратеник. Секој пратеник во моментот кога ќе стапне на говорницата, има одговорност како ќе настапи. Јас можам да го прекинам, да го опоменам, но сепак останува на совеста на пратениците. Жалам што има такви сцени во Собранието. Јас се чувствувам лошо и непријатно во тоа и не би сакал да се повторуваат таквите сцени. Работиме со сите групи, и јас лично, да се смири тонот и да се подобри комуникацијата. Ке видиме дали ќе успееме, но јас лично работам со сите пратенички групи да немаме таков тон и такво однесување“, рече спикерот на денешниот брифинг со новинарите.
Околу инцидентот што се случи минатата недела во Собранието помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Гаши нагласи дека за тој случај е надлежна собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која се активира по пријава од најмалку еден пратеник.
„ Треба некој да го пријави настанот за да може Комисијата на седница да констатира дали имало прекршување на Етичкиот кодекс. Според моите сознанија, сè уште нема таква пријава, но знам дека се зборува во Собранието, меѓу пратениците да има некаква постапка за тој инцидент. Според мене, во Кодексот јасно и децидно се кажува што значи мало и големо прекршување и повреда на кодексот. Според мене, имаше тешка повреда на Етичкиот кодекс, но тоа треба да се констатира на Комисија“, рече тој.
На прашање зошто тој не покренува таква иницијатива оти и тој е пратеник, Гаши потенцира дека повеќе сака да остане неутрален и да биде човек кој зближува.
Спикерот Гаши најави дека од утре и во следните петоци ќе ги почнат посетите на општините за, како што рече, да помогнат да се зголеми бројот на отворени канцеларии по општините. Исто така, информираште дека со поддршка на НДИ, веќе во функција е алатката е-регистар на организации, каде заинтересираните невладини организации ќе можат да се пријавуваат за да учествуваат во дебата за одреден закон.