Можеби ја знаете приказната за мажот што на семејството и на пријателите им испратил празнични честитки, иако умрел неколку месеци претходно.
Благодарение на Фејсбук сега има и интернет-верзија на постхумен последен поздрав во апликацијата „Ако умрам“ (ifIdie), која ви овозможува по вашата смрт на профилот да објавите проштални пораки и видеоснимки за најдрагите, пишува порталот Адвик (Adweek.com).
Процедурата е едноставна. Ако ги напишете или ги снимите своите разделби, вчитајте ги во апликацијата и потоа одберете тројца „доверливи“ пријатели што ќе ја потврдат вашата смрт.
Откако вашето заминување од овој свет ќе биде потврдено, вашите постови ќе бидат објавени и сите ваши виртуелни пријатели ќе може да ве оплакуваат и да ги „лајкаат“ вашите последни зборови.
Целата приказна е прилично морбидна, но најверојатно луѓето со време ќе ја прифатат новината, ако таа биде направена на сентиментален начин и со почит.
Апликацијата сè уште нема развиено чувство, па така во еден момент за последни зборови ви предлага да го ставите омилениот виц или да решавате стари кавги. Таман за постхумно да умрете од срам.