Нешто лично: повеќе од 40 години ги следам настаните во регионот. Секој ден/недела се информирав од Данас, Младина, Вечерњи, Нин, Време, Коха, Зери, Наши дани. Бев сведок како низ регионот беше градена западната архитектура. Бев сведок на највисоките и најниските точки на западната дипломатија.
Не знам како ќе заврши кризата, но слободно можам да кажам дека без разлика на сѐ – архитектурата изградена во регионот де факто – не де јуре – веќе пропадна. Западот сега се потпира исклучиво на измамници и позери, а ја загуби довербата на народот. Особено на младите.
Западот живее во балон, задоволен од своите презрени „локални претставници“, вклучени во инцестуозна политичка дегенерација што не произведува ништо добро, ништо здраво. Тие немаат поим што се зборува на улица, и бидете сигурни дека тоа е слично на „арапската улица“ пред арапската пролет.
Не се сеќавам на вакво ниво на акумулиран гнев, незадоволство. Помина времето кога младите цинично ги коментираа зашеќерените ветувања на западните дипломати, политичари. Сега пцујат и не сакаат ни да чујат. Дури ни обидите да им се објасни.
Секаде го забележувам истото. Одбивање на младите да слушаат европски говори и да ги прифатат позерските псевдореформатори израснати на политичките фарми на американските и европските фондации. Наместо да ги доближат, тие ги гледаат како провокација, како навреда, како фронт против нивното достоинство.
Достоинство, збор што дипломатите го презираат и го сметаат за некомпатибилен со регионот и со своите марионети. А отсуството на тој збор ги натера младите да бидат против и да не веруваат во ништо што содржи „проширување“ или „европски вредности“. Тие гледаат што претпочитаат ЕУ/САД и заклучуваат: тоа е лага.
Единствениот успех што ЕУ го постигна во овие 20 години е што навистина го претвори Балканот во џунгла, ги претвори Купер-проекцијата и Борел-заклучокот во реалност. Не, ние никогаш не бевме „блескав град на врвот на ридот“, никогаш не бевме некој Камелот. Но, по ѓаволите, не бевме ни џунгла.
Но горчливата вистина е следната: со секое отворање нова дипломатска, фондациска, евроделегациска, УСАИД-советодавна канцеларија во регионот – омразата, криминалот, корупцијата, непотизмот, ароганцијата, дехуманизацијата само се зголемуваа, никогаш не се намалуваа. А сепак, вината секогаш беше наша, никогаш кај учителите.
Ова не е со намера да се почне со префрлања на вината. Ние сме виновни, самите ние. Зашто слепо верувавме, и треба да преземеме одговорност. Кој е ќарот – сега веќе – да бараме дипломaтите да го признаат својот дел од одговорноста. На крајот на краиштата, тие се само гастарбајтери.
Штетата е направена. ЕУ исфрли сѐ што беше европско од Балканот. На САД им снема пари со купувањето на „најталентираните“. Сѐ заради интеграцијата во ЕУ. А крајот е: ЕУ за глупаци: Политичка заедница. Во која сите се еднакви, но некои се поеднакви. Така завршува нашиот експеримент на Животинска фарма.
Автор: Арсим Зеколи, историчар на уметноста, поранешен новинар, хуманитарен активист, преведувач, службеник во меѓународни организации, поранешен амбасадор на Македонија при меѓународните организации во Виена и поранешен амбасадор на ОБСЕ во Туркменистан
Извор: Твитер