среда, 11 декември 2024

Совет на амбасадори: Содржината на Извештајот на ЕК е очекувана

Советот на амбасадори на Македонија (САМ) смета дека Извештајот на Европската комисија (ЕК) има очекувана содржина. Според Советот, во него се нагласува дека Северна Македонија конзистентно ја следи политичката определба за исполнување на стратешката цел – нејзина интеграција во ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

За исполнување на таа цел, велат од Советот на амбасадори, Македонија треба да реализира „суштински“ значајни реформи. Земјата одржува добрососедски односи со останатите земји – кандидатки и се придружува на регионалните иницијативи. Билатералните договори со соседните земји (членки на ЕУ) треба  да се имплементираат во духот на добрососедство од сите инволвирани страни. ЕК констатира  дека меѓуетничките односи во државата се стабилни.

„Земјата е наполно на линија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и игра активна улога во комплексната геополитичка состојба што го покажа и со доброто раководење со ОБСЕ. Северна Македонија е активно вклучена во имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан заснован на постепена интеграција во заедничкиот пазар, регионалната економска соработка, фундаментални реформи и зголемена финансиска поддршка. Реформите во кластерот на фундаментални области треба да се имплементираат заради  зајакнување на почитување на правото, владеење и зацврстување на демократијата, постигнување резултати во борбата против корупција и организираниот криминал, како основа за просперитетот на секое општество“, оценуваат од Советот на амбасадори.

Според нив, хармонизирањето со правото на ЕУ во економската сфера и во полето на иновативноста и правата на интелектуалната сопственост ќе придонесат за економско интегрирање и покачување на конкурентноста на македонската економија, образование и наука, како основа за зголемување на животниот стандард на луѓето.

„Советот  на Амбасадори ги подржува надлежните државни органи, колку што е можно побрзо, да преземат соодветни активности како рефлексија на Извештајот на ЕК применувајќи оптимален план во функција на зачленување во ЕУ, во интерес на земјата, граѓаните и нивното добро“, велат од Советот на амбсадори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ