Поминаа две децении од аплицирањето на Македонија за полноправно членство во Европската Унија, а државата уште се наоѓа во чекалната, овојпат помината и од Албанија, која доби зелено светло за продложување на преговорите, по последната одлука на КОРЕПЕР. Изгледа дека ни е судено да останеме во последната група, и да го предводиме вагонот на најслабите, односно Косово и Босна и Херцеговина – држави кои имаат и територијални спорови, проблеми и главоболки.
Процесот на евроинтеграција на Македонија е долго и мачно патување, исполнето со бројни предизвици, компромиси и лажни надежи, кои на крајот, секогаш завршуваат во слепа улица, без разлика што и да направиме. Да се потсетиме, државата го промени своето знаме, име, устав и повторно се наоѓа на нулта позиција, без никаков прогрес, но сега, 20 години подоцна, многу поизнемоштена, економски руинирана, без перспектива, и со граѓани кои се секој ден поисфрустрирани од целокупната состојба во државата.
Судбината на Македонија е да чека, а да не знае што чека, и дали воопшто ќе дочека, нешто што многу наликува на познатото дело „Чекајќи го Годо“.
Постојани главоболки од соседите
Во 2018, „конечно“ се стави крај на 25-годишниот спор oколу името и се потпиша Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, договор за кој сите не убедуваа дека е последната отстапка која треба да ја направиме за да продолжиме со нашиот евроинтегративен пат, и дека од тој момент па натаму, „се ќе биде како бајка, поплочено со рози, мед и млеко.“
Да се потсетиме, актуелните политичари во тоа време, како Меркел, Могерини, Хан, дојдоа специјално во Скопје да не убедуваат дека Преспанскиот договор е „решението на векот“ и како тоа е момент во кој треба да одлучиме дали ќе одиме напред или назад. Еве, шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, истите тие политичари кои доаѓаа во Скопје сега веќе не се политички активни.
Но, да не бидеме толку песимистички настроени, бидејќи она што може да го издвоиме како позитивна работа од сета оваа голгота е полноправното членство на Македонија во НАТО. Под раководство на САД, колективниот Запад мораше политички да испорача и да ја прими Македонија во НАТО, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор. Тука најубаво може да се види како функционира една организација која има јак лидер и предводник, односно НАТО – со лидер САД, и организација која нема идеја за тоа како да се справи со ултиматумите од нејзините членки, односно Европската Унија.
Членството на Македонија во НАТО е клучно за безбедноста на регионот бидејќи на еден начин се пополнува безбедносната сложувалка на Балканот и се намалуваат ризиците од ескалација на конфликти, посебно оние етничките.
Уставни измени
Сега, да се навратиме на темата ЕУ, бидејќи таму кадешто Грција застана, Бугарија продолжи, и тоа со уште поголем интензитет. Во моментов, на тапет се историјата, јазикот и националниот идентитет. Огромен дел од бугарските политичари, историчари и научници, гледаат на Македонија како на неправедно одземена територија од Бугарија, а Македонците ги сметаат за Бугари на кои Тито им го испрал мозокот.
Жално е да се слушаат вакви тези во 21-виот век, но ова навистина се случува, па дури и наликува на реториката која Кремљ ја користи против Киев, односно дека Украина е историски руска земја и дека тие не треба да постојат.
Во моментов, главниот проблем со кој се соочува Македонија за продолжување на европскиот пат се уставните измени, односно внесувањето на бугарската етничка заедница во македонскиот Устав.
Ова, можеби и не би било толку страшно, доколку би се одвивало во нормални услови, без притисоци, ултиматуми и сл. Но, кога некој со сила ве тера нешто да направите, логично е дека кај вас се раѓа чувство на противење и гнев, па оттаму, ваквото решение (за внесување на бугарската заедница во уставот) е длабоко отфрлено од 80% од етничките Македонци, а СДСМ плати огромна цена на минатите избори, делумно токму поради ова прашање.
Дополнително, навистина е интересно како Бугарија секогаш ги проблематизира односите меѓу заедниците, посебно статусот на Бугарите во Македонија, во ситуација кога истата таа Бугарија се соочува со 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, токму за непочитување на правата на малцинствата, во овој случај – Македонците.
Од друга страна, против Македонија нема ниту една таква одлука од Судот за човекови права, а може да се каже и дека сме една од најотворените држави во Европа кога станува збор за почитување на правата на другите етнички заедници.
Сепак, иако ставовите на Бугарија се апсурдни, ние остануваме заглавени во чекалната токму поради вакви прашања, а решение на овој горлив проблем не личи дека е воопшто на дофат, ниту пак дека ќе биде тема на дискусија во следниот период.
Двојниот аршин на ЕУ?
Фактот дека Албанија, иако беше во пакет со Македонија, сега сама ќе го продолжи патот кон Европската Унија, претставува уште едно разочарување за нас бидејќи не е прв пат да се наоѓаме во пакет со други држави, а да сме останале поназад во процесот, само поради билатерални спорови.
Во минатото исто така сме биле групирани со Србија и Црна Гора, а ако одиме малку подлабоко, после осамостојувањето, Хрватска беше таа која беше во нашиот пакет. Денес, Хрватска е полноправна членка на Унијата веќе 11 години, додека пак Србија и Црна Гора, иако формално преговараат, се чини дека се во стагнација по тоа прашање. Во секој случај, кога некој гледа од страна, логично е да се запраша како е можно земјата која направила најмногу отстапки, и тоа не било какви, туку промена на устав, знаме, име, повторно да остане заглавена и сите други да ја поминуваат на патот кон ЕУ.
Двојните аршини на ЕУ оддалеку се гледаат, а ние сме повторно тапкани по рамо. Повторно се работи за „само уште еден услов“ да се исполни и готово – почнуваме со преговори. Вистина ли е тоа така? Имаме многу причини да се сомневаме.
Каква гаранција има Македонија дека ако ги спроведе уставните измени, нема повторно да биде блокирана?
Никаква.
И не само што нема никаква гаранција, туку напротив, ако вие прифаќате се што некој ви сервира, тогаш истиот тој ќе продолжи да ви сервира и други работи во иднина, а прифаќањето на тие ултиматуми ќе ве однесе во еден маѓепсан круг на отстапки во кој целосно ќе се изгубите, до таа мера што нема веќе да знаете зошто и воопшто сте почнале.
Понатаму, што би се случило доколку во одреден временски период, не така далеку од сега, партиите на Албанците во Македонија, во случајов ДУИ и ВЛЕН, почнат со радикализирација на својата реторика (за политички цели) и инсистираат на имплементација на уставните измени, во ситуација кога граѓаните кои се етнички Македонци се во огромен број против.
Силната поларизација која може да настане од ова прашање има потенцијал да предизвика политичка дестабилизација во државата, да ги продлабочи поделбите по етничка линија и да предизвика тензична атмосфера во општеството, нешто што сите треба да го спречиме.
Треба да се земе предвид фактот дека колку повеќе Македонија останува надвор од европскиот колосек, толку посилни ќе бидат ударите на ДУИ врз ВЛЕН, а четири-партитната коалиција која е дел од власта, ќе се соочи со силен притисок од своето гласачко тело да ја испорача европската агенда. Како компензација за губењето на гласови на темата „ЕУ“, изгледа дека ВЛЕН би можел да игра на патриотска карта, или во случајот, на формирање на т.н „Албанска Академија на науките и уметностите“, нешто што впрочем го говореа и во самата предизборна кампања, а што несомнено ќе ја поларизира атмосферата во општеството бидејќи формирање една ваква институција нема апсолутно никаква логика.
Решение за проблемите
Навистина е тешко да се очекува од наша страна да се прифати еден ваков нерамномерен компромис (Бугарите во Уставот), кој директно ни штети, бидејќи ние сме страната која повторно треба да исполни нешто, додека другата страна е таа која поставува услови, без притоа да смее да се побара нешто од неа.
Она што личи на разумно решение се всушност уставни измени со одложено дејство, односно, да се изгласаат сега, но да важат веднаш по ратификацијата на Бугарија на членството на Македонија во ЕУ (кога и тоа да се случи во иднина). На тој начин, и Бугарија би била мотивирана да и помага на Македонија кон европскиот пат, бидејќи самото членство на нашата држава во ЕУ, ќе значи и внесување на бугарската заедница во Уставот. Сепак, овој предлог изгледа дека нема да биде прифатлив ниту за Бугарија ниту за Европската Унија, имајќи го предвид фактот дека токму минатата македонска влада (во име на нашата држава), самата се согласила дека услов за почеток на преговорите со ЕУ е изгласувањето на уставните измени.
Оттаму, се чини дека Македонија повторно влегува во едно непредвидливо сценарио кое доста наликува на периодот кога бевме блокирани од Грција, а излез од истото, засега нема.
„Компензација“ за стагнацијата во евроинтеграциите може да бидат само драстични и коренити реформи во правосудството, инвестициски бум, отворање на нови работни места и фокус на економијата.
Христијан Илиевски