четврток, 12 декември 2024

АП: Европските сојузници се подготвуваат за Америка што ќе биде помалку заинтересирана за нив

Џо Бајден е последниот трансатлантски претседател, пишува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европските сојузници на САД се подготвуваат за Америка што ќе биде помалку заинтересирана за нив, без разлика на исходот од претседателските избори, но и за стари трауми и нови проблеми доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, оценува Асошиејтед прес.

Изборите се одржуваат повеќе од две и пол години по почетокот на руската инвазија на Украина, при што Вашингтон го даде најголемиот поединечен придонес во одбраната на Киев. Прашањето е дали таа поддршка би продолжила под Трамп и колку тој би бил посветен на сојузниците во НАТО воопшто.

Доколку победи потпретседателката Камала Харис, сегашната политика може да продолжи, иако во Европа постои загриженост дека поддршката би можела да ослаби поради републиканското противење и зголемениот замор од војната кај американската јавност, пишува АП.

Склоноста на Трамп кон воведување царини за американските партнери предизвикува загриженост и во Европа, која и онака се мачи со слабиот економски раст. Сепак, не е само можноста за втор мандат на Трамп она што го прави континентот нервозен поради тешкиот период што претстои, според АП, кој истакнува дека европските претставници веруваат дека американските приоритети лежат на друго место, без оглед на исходот од изборите. Блискиот Исток во моментов е највисокиот приоритет на претседателот Џо Бајден, но долгорочниот фокус е на Кина.

„Европа повеќе не е во центарот на американската надворешна политика како што беше за време на клучните години од кариерата на Бајден“, смета Рејчел Таузендфројнд од Германскиот совет за надворешни односи во Берлин. „И на тој начин, вистината е дека Бајден е последниот трансатлантски претседател“.

Она што се очекува е САД да продолжат да се вртат кон Азија. „Ова значи дека Европа мора да преземе поголема одговорност, да стане поспособен партнер и поспособна да управува со сопствениот безбедносен простор.“

Европа повеќе не е во центарот на американската надворешна политика како што беше во клучните години од кариерата на Бајден, што значи дека мора да преземе поголема одговорност, да стане поспособен партнер и поспособна да управува со сопствениот безбедносен простор

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус истакна, додека потпишуваше нов одбранбен пакт со сојузникот на НАТО, Велика Британија, дека САД повеќе ќе се фокусираат на индо-пацифичкиот регион, „па прашање е само дали поради тоа многу помалку ќе работат во Европа или само малку помалку“.

Иан Лесер од германскиот Маршалов фонд во Брисел вели дека „пред сѐ Европа бара предвидливост од Вашингтон“, а неа ја има малку во турбулентниот свет во кој секоја администрација ќе се соочи со многубројни барања за внимание, пишува АП.

„Сепак, потенцијалот за нарушување е очигледно поголем во случај на можната Трампова администрација“, смета Лесер.

Тој рече дека претпоставката за суштински континуитет во случај на победа на Харис е веројатно оправдана бидејќи многумина од оние што ја обликуваа политиката на Бајден веројатно ќе останат. „Тоа е прилично познат свет, дури и ако самата стратегиска средина носи несигурности.

Додека и САД и Европа сѐ повеќе се фокусирани на натпревар со Азија, тековната војна во Европа значи дека „потенцијалните трошоци за отстапувањето од европската безбедност на американската страна се многу повисоки денес отколку што можеше да бидат пред неколку години“, рече Лесер. „Способноста на Европа да се справи со тоа зависи од брзината со која тоа ќе се случи“, додаде тој.

Заостанувањето на Европа во трошоците за одбрана со години ги вознемируваше американските администрации на двете страни, дури и кога членките на НАТО, вклучително и Германија, ги зголемија инвестициите по инвазијата на Украина во 2022 година. НАТО предвидува дека 23 од 32 сојузници ќе ја исполнат целта да потрошат два отсто од бруто-домашниот производ за одбрана оваа година, во споредба со само три пред една деценија.

За време на неговиот мандат од 2017 до 2021 година, Трамп се закануваше дека ќе ги напушти „деликвентните“ земји доколку не ги платат своите „сметки“. За време на оваа кампања тој навести дека Русија може да прави што сака со нив.

Фото: ЕПА

Неговите закани ја поткопаа довербата и ги загрижија земјите најблиски до сè понепредвидливата Русија, како што се Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

АП пишува дека Европејците ја гледаат војната во Украина како егзистенцијален предизвик, на начинот на кој САД на крај можеби нема да го гледаат, дури и со некои знаци на замор од војната што се појавуваат во самата Европа.

Ако Трамп победи, „сите индикации се дека тој нема интерес да продолжи да ја поддржува Украина во оваа војна“ и брзо ќе изврши притисок за некаков вид примирје или мировен договор што можеби не му одговара на Киев и за кој Европа можеби не е подготвена, рече Таузендфринд.

„И, исто така, Европа на ниеден начин не може да го надомести воениот јаз доколку САД се повлечат“.

„Дури и со администрацијата на Харис, постои сѐ поширока, променлива дебата – искрено, од обете страни на Атлантикот – за тоа што е следно во војната во Украина, која е завршницата“, рече Лесер.

Бајден ја истакна потребата од доследна поддршка за Украина за време на неодамнешната кратка посета на Берлин, каде што разговараше со лидерите на Германија, Франција и Велика Британија.

„Не смееме да се откажеме. Мораме да ја одржиме поддршката“, рече Бајден. „Според мене, мораме да продолжиме додека Украина не оствари праведен и траен мир“.

Искуството што го стекнал во текот на животот го научило „никогаш да не ја потценуваме моќта на демократијата, никогаш не ја потценуваме вредноста на сојузите“, додаде 81-годишниот Бајден.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој му ја додели највисоката германска награда на Бајден за неговиот придонес во трансатлантските односи, се надева дека тоа ќе го слушнат Бајденовите сонародници.

Фото: ЕПА

„Во наредните месеци, се надевам дека Европејците ќе запамтат: Америка ни е неопходна“, рече тој. „И, исто така, се надевам дека Американците ќе запамтат: вашите сојузници ви се неопходни. Ние сме повеќе од само ‘други земји’ во светот – ние сме партнери, ние сме пријатели“.

Според АП, следните години би можеле да бидат бурни без разлика кој ќе ја освои Белата куќа.

„Без оглед на исходот следната недела, половина од земјата ќе биде бесна“, рече Лесер, истакнувајќи дека ги има „сите шанси“ за поделена влада во Вашингтон.

„Европа ќе се соочи со многу хаотична и повремено дисфункционална Америка“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ