Европската Унија ги прошири своите санкции против Иран поради помошта што Техеран ѝ ја дава на Русија во војната со Украина, соопшти денеска Европската комисија.
Комисијата соопшти дека на списокот со санкции ја додала компанијата „Бродски линии на Исламската Република Иран“ (ИРИСЛ) и нејзиниот директор Мохамад Реза Киабани, меѓу другите.
Новите санкции ги опфаќаат бродовите и пристаништата за пренос на беспилотни летала и проектили произведени во Иран, и технологиите и компонентите поврзани со производството на ова оружје, се вели во соопштението.
Санкциите вклучуваат забрана за каква било трансакција со пристаништата и портите во сопственост, управувани или контролирани од санкционираните поединци и ентитети.
ЕУ, исто така, воведе санкции кон три руски бродски фирми – МГ флот, ВТС брокер и Арапакс – поради транспорт на иранско оружје, вклучително и делови за беспилотни летала, преку Касписко Море за да ги снабдуваат руските војници во Украина.
Во Брисел денеска се одржува состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.