среда, 4 декември 2024

Мицкоски од Приштина: Регионов потроши многу време на политички прашања, запоставувајќи ги прашањата од реалниот живот

На прес- конференијата во Приштина, по одржувањето на заедничката седница на владите на Македонија и на Косово, македонскиот премиер Христијан Мицкоски истакна дека главниот фокус на средбата била соработката во енергијата и транспортот,  отворање на заеднички гранични премини, како и соработка во областа на образованието.

Објавено на

часот

Сподели

„ Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување на регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот. Исто така, посветивме внимание на образованието, културата и младите, со цел да го поттикнеме меѓусебното разбирање и да изградиме посилни врски помеѓу нашите народи. Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина“, кажа премиерот Мицкоски во Приштина.

Тој откри и дека се дискутирало и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Мицкоски истакна дека, заедно со премиерот на Косово, Албин Курти се убедени дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори може да се надминат предизвиците и да се обезбедиме просперитет и стабилност за граѓаните на двете соседни земји.

„ Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, запоставувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина, и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, порача Мицкоски.

Првиот протокол, истакна Мицкоски дека е за енергетика, развивање на соработка за размена на електрична енергија, гас и останати енергетски потенцијали. Вториот протокол е за заеднички граничен премин, со што би се намалиле времето на премин на граница и третиот е за образованието и соработката во оваа област.

„ Време е да разговараме за иднина, наместо за минато. Граѓаните имаат заеднички проблеми, затоа ќе носиме и заеднички решенија. Имаме заеднички вредности кои ги споделуваме и градиме отворени односи со соседите.

На крајот, сакам искрено да му се заблагодарам на мојот колега и пријател Албин Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба. Се радувам на нашата идна соработка и на конкретните резултати кои ќе произлезат од денешните разговори“, порача македонскиот премиер, Христијан Мицкоски од Косово.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ