среда, 27 ноември 2024
Интервју

Домазетовска: Киншифт и Авенга ќе биде глобална компанија што е пример за иновации во ИТ индустријата

Да се ​​биде дел од една голема корпорација, а да се работи од една мала земја како Македонија ве учи да работите понапорно, попаметно и со повеќе срце. Стратешкото комуницирање подразбира анализа, градење и имплементирање на глобална комуникациска стратегија, каде и да си лоциран. Сепак, работењето од помал пазар значи дека честопати треба да се борите посилно за да ја докажете својата вредност на глобалната сцена, но таа борба само ја зајакна мојата решителност и се покажа дека истрајноста и вложување во знаењето дава резултати на долг рок, вели Марина Домазетовска, глобален менаџер за односи со јавност на Киншифт и Авенга.

Објавено на

часот

Сподели

Што значи да се биде одговорен за надворешните комуникации на глобално ниво на  компании како Киншифт и Авенга? Предизвик ли е да се работи од Македонија на ваква глобална позиција?

– Да се комуницира во различни земји, со различни култури, менталитет и секако навики е навистина предизвик. Да се работи на повеќе пазари, кои имаат свои специфики и потреби, и токму во такви околности еднакво да се позиционираме како компанија од доверба е исто голем предизвик. Сѐ ова бара добра тимска работа, многу флексибилност, познавање на пазарите и публиката со која комуницираме, како и интерно комуницирање со грижа, ама и со одлучност. Мене ме привлекуваат сите овие предизвици. Велам како компанија, затоа што Киншифт и Авенга се во процес на спојување и трансформација и во 2025 година ќе зборуваме и работиме како една компанија. Интерно овој процес тргна, некои оддели веќе работат во името на двете компании, како оној каде јас припаѓам – одделот за стратегија и трансформација.

Инаку, да се ​​биде од една голема корпорација, а да се работи од една мала земја како Македонија ве учи да работите понапорно, попаметно и со повеќе срце. Стратешкото комуницирање подразбира анализа, градење и имплементирање на глобална комуникациска стратегија, каде и да си лоциран. Сепак, работењето од помал пазар значи дека честопати треба да се борите посилно за да ја докажете својата вредност на глобалната сцена, но таа борба само ја зајакна мојата решителност и се покажа дека истрајноста и вложување во знаењето дава резултати на долг рок. Секогаш си кажувам дека не само јас, туку повеќе од 2.500 експерти од регионов сме една од најсилните алки на Киншифт и Авенга. Носиме огромна вредност и горди сме на тоа.

Како менаџер за надворешни комуникации на Киншифт и Авенга, кои се Вашите примарни одговорности и како го балансирате претставувањето на две компании што се спојуваат?

– Со мојот тим работиме на креирање на комуникациската стратегија на новата компанија и се трудиме спојувањето да се пренесе како трансформација од која вработените, но и клиентите имаат бенефит и поголеми можности. За мене е важно до секој збор да стои дело, факти. Така, кога зборуваме за Киншифт и Авенга и велиме дека градиме глобална ИТ компанија, тоа е поткрепено со фактот дека ние од 3500 стануваме компанија со повеќе од 6500 вработени, 50 канцеларии глобално, во Европа, но и во Северна Америка, Аргентина и Малезија. Кога зборуваме за придобивки на вработените зборуваме за големи проекти на кои  мешани тимови од двете компании ќе имаат можност да работат, а некои и веќе работат, на пример за еден од најголемите сателитски оператори во Америка, една од најголемите банки во Шведска, светски позната фармацевтска компанија, итн. Спојувањето ни овозможува проширување на сервисното портфолио, но и инвестирање и употреба на новите технологии, како вештачката интелигенција, како интерно, така и за потребите на клиентите. Секојдневие ми е комуницирањето со медиумите на глобално ниво, со посебен акцент на пазарите каде имаме силна клиентска база и планираме развој. Понатаму, градење на постоечките веб страни, а во тек е и градењето на унифицирана веб страна. Тука работиме заедно со дизајн, маркетинг и контент тимот. Еден добар дел од мојот тим е фокусиран и работи на развојот на социјалните медиуми.

Како е да се води глобален тим? Колку е комплицирано? Што ве прави поинакви од другите тимови?

– Водењето глобален тим е привилегија и длабока одговорност. Тоа значи работа со неверојатно талентирани поединци со различни културни, професионални и лични преференции. Инспиративно е да се види како различни перспективи и експертиза можат да се здружат за да создадат нешто неверојатно добро, но исто така е предизвик да се обезбеди усогласување, мотивација и јасна комуникација низ различни временски зони, јазици и стилови на работа.

Комплексноста лежи во нијансите – разбирањето и почитувањето на културните разлики, прилагодувањето на различните работни навики и негувањето чувство на единство и покрај физичката дистанца. Глобалниот тим бара постојана комуникација, емпатија и фокус на градење доверба. За мене, тоа е создавање на средина каде што секој член на тимот се чувствува слушнат, ценет и овластен да придонесе со најдоброто од себе.

Она што го прави нашиот тим различен е нашата способност да се прилагодуваме. Ние не работиме само како поединци распространети низ целиот свет – ние функционираме како кохезивна единица. Ова доаѓа од длабоката посветеност на нашите цели и заедничкото разбирање на пошироката слика – точно знаеме каде одиме и што сакаме да изградиме. Друг клучен фактор е акцентот што го ставаме на креативноста и човечкиот ум.

Спојувањето на Киншифт и Авенга се позиционира како трансформативен чекор кон градење на силна глобална ИТ компанија. Како изгледа комуникациска стратегија, особено додека градите еден нов бренд?

– Внатрешно, работиме на усогласување на тимовите, културите и целите. Однадвор, сакаме секоја порака да ја одразува заедничка визија – глобален ИТ лидер кој дава приоритет на успехот на клиентите притоа ставајќи го човекот во центарот на нашето внимание. Градењето нов бренд е и предизвик и можност. Потребно е длабоко разбирање на вредностите што ги дефинираат двете компании и јасна визија за тоа како тие вредности се претвораат во нешто поголемо. Оваа стратегија не е само за спојување на две имиња – туку создавање на бренд кој инспирира доверба и стои како пример за иновации и исклучителност во ИТ индустријата.

Со претстојното спојување и ребрендирање, кои чекори ги преземате за да се осигурате дека клиентите и партнерите ќе го разберат овој процес и како ги подготвувате за она што доаѓа?

– Важно е секој да го разбира процесот,  и за тоа е потреба комуникација. Таа треба да биде проактивна и јасна. Така, сите информации им ги споделуваме навремено и транспарентно и тука сме за сите нивни прашања. На сите клиенти и партнери треба да им се објасни целосно процесот и да ја прикажеме вредноста на спојувањето. Клиентите и партнерите треба да видат како оваа трансформација ќе им користи директно и на каков начин, преку зголемен број услуги, подобри услуги или посилна мрежа за поддршка, проширена експертиза…

Кои индустрии најмногу ќе имаат корист од комбинирани способности на Киншифт и Авенга?

– Во однос на сервисното портфолио, Киншифт и Авенга се надополнуваат и надградуваат. Најсилните тимови ќе донесат трансформативни решенија во индустриите кои се потпираат на иновации, како што се телекомуникациите, финансискиот сектор, здравството и фармацевтската индустрија, автомобилската индустрија.

Гледајќи кон иднината, кои се вашите лични приоритети додека ги спроведувате сложените процеси на ова спојување?

– Три аспекти – прво и најважно во целиот овој трансформативен процес, кој за нас трае веќе подолг период, е да ја задржиме човечноста и се ова да го искористиме како добра школа. Ретки се можностите да се биде дел од вака комплексни проекти и цели. Навистина се учи многу. Понатаму – луѓето со кои работам. Важно ми е да го градам тимот и да напредуваме професионално. И на крај, користење на технологијата и алатките базирани на вештачка интелигенција кои ни помагаат да работиме побрзо и полесно. Оваа нова дигитална ера во комуникациската индустрија ми е навистина интересна.

Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ