среда, 4 декември 2024

Вистината не смее да биде жртва на војна

„Во војна прво страда вистината“, гласи една стара фраза, а како и во случајот со секоја друга изрека, таа содржи зрно вистина. Известувањето од бојното поле секогаш е предизвик: ви пречат ограничениот пристап, смртната опасност, намерната магла на војната и неискрените функционери. Ситуацијата станува уште посложена кога новинарите се дел од воинствено општество, особено ако конфликтот ужива широка јавна поддршка како праведна војна, вели главниот и одговорен уредник на израелскиот весник Хаарец, Алуф Бен, за Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На 7 октомври 2023 година Израел беше нападнат од Хамас, кој од Газа упадна за да убива, ограбува, силува и киднапира цивили и војници. Следниот ден, Хезболах се приклучи во конфликтот од Либан. Израел одговори одмазднички, раселувајќи го населението и уништувајќи градови и села во Појасот Газа, убивајќи многу цивили заедно со милитантите и оперативците на Хамас. Во септември 2024 година израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа контраофанзива на северниот фронт, нанесувајќи му тежок удар на својот главен непријател, Хезболах, и срамнувајќи ги шиитските села што служеа како нивни бази на фронтот.

Затекната од ненадејниот напад на непријателот и злосторствата на Хамас, израелската еврејска јавност се обедини во огромна поддршка за она што изгледаше како егзистенцијална борба против закоравените, безмилосни непријатели. Овој став преовладува во 14-тиот месец од војната, и покрај зголемениот број на загинати војници на ИДФ и континуираниот неуспех да се постигне „вкупната победа“ ветена од премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Јавното мислење ги диктира границите на известувањето во израелските мејнстрим медиуми: нема милост за другата страна. Повеќето медиуми не ги пренесуваат убиствата, уништувањата и човечките страдања во Газа и Либан. Во најдобар случај, тие ја наведуваат меѓународната критика за акциите на Израел, прикажувајќи ги како антисемитски и лицемерни. Газа и Либан се гледаат исклучиво преку објективот на новинарите поврзани со единиците на ИДФ што учествуваат во инвазијата.

Олицетворение на военото известување е Дени Кушмаро, водител на вести на Канал 12, најголемата израелска телевизиска мрежа. Минатиот месец, откако ѝ се приклучи на пешадиската единица во Либан, Кушмаро, со шлем на главата, разнесе куќа во окупирано шиитско село, фалејќи се: „Не чепкајте ги Евреите“. Кога Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, Кушмаро реагираше емотивно во ударниот термин, опкружен со фотографии од мртви и киднапирани деца од 7 октомври, изјавувајќи дека потерниците се „против сите нас, нашите војници, овој народ, оваа земја“. Кушмаро и неговите телевизиски колеги никогаш не се потрудија да ја објаснат фактичката основа на наводите на МКС за намерно гладување како метод на војување и други злосторства против човештвото, наводно нарачани од израелските водачи.

Израел има воен цензор и секоја вест што се однесува на националната безбедност или разузнавање мора да биде исчистена. Цензурата е пречка, но во време на војна, законските ограничувања и филтрирањето се бледи во споредба со автоцензурата од публиката. Израелците едноставно не сакаат да знаат.

Речиси секогаш сам, Хаарец со децении известува за страдањата на Палестинците под израелска окупација и за она што ИДФ го смета за „колатерална штета“ во борбата против тероризмот. Повторно и повторно, весникот беше осудуван за критикување на моралноста на акциите на ИДФ. Читателите ги откажуваа претплатите, а политичарите ни се настрвија. Но ние никогаш не се откажавме. Кога гледате воени злосторства, мора да зборувате додека беснее војната, наместо да чекате додека не биде предоцна за да промените нешто. Војната од 7 октомври не е исклучок: повторно сме сами, известуваме од другата страна на конфликтот, и покрај тешкотиите во пристапот до изворите во Газа и Либан, додека во исто време, како и другите медиуми, ги испраќаме нашите известувачи со ИДФ.

Цензурата е пречка, но во време на војна, законските ограничувања и филтрирањето се бледи во споредба со автоцензурата од публиката. Израелците едноставно не сакаат да знаат.

На Нетанјаху никогаш не му се допадна нашиот критички однос кон него и неговата политика на окупација и анексија, нарекувајќи ги „Хаарец“ и „Њујорк тајмс“ „најголеми непријатели на Израел“ уште во 2012 година (иако подоцна го негираше тоа). Бидејќи кариерата ја изгради на манипулирање со медиумите, Нетанјаху не може да поднесе независни, критички гласови. Во текот на изминатата деценија, неговата злоупотреба на државната моќ за да го изобличи медиумското покривање, откриена од Хаарец во 2015 година, го доведе Нетанјаху на обвинителна клупа во тековното судење за корупција. Но и по обвинението тој само ја смени тактиката, но не и стратегијата, позајмувајќи го успешниот пристап на својот пријател и ментор и од Унгарија, Виктор Орбан: напаѓај ги главните медиуми како непријателски, твоите богати сојузници нека отворат пристрасни канали, изгради „отровна машина“ за обединување на твојата база преку социјалните медиуми. Со текот на времето, мејнстрим медиумите ќе го променат својот став давајќи им на портпаролите на лидерот ударни термини, плашејќи се дека ќе ја изгубат својата публика во корист на медиумите како Канал 14, израелскиот „Фокс на стероиди“.

Нетанјаху е поларизирачка фигура, а израелската еврејска јавност, иако обединета во својата поддршка за војната, е длабоко поделена меѓу оние што го поддржуваат и што му се противат на Биби. Сепак, Нетанјаху ги користи надворешните конфликти како оправдување за да ги задуши своите домашни критичари. Набргу по 7 октомври, министерот за комуникации Шломо Кархи, близок соработник на премиерот, поднесе предлог-резолуција на владата за бојкот на секое државно рекламирање или претплата на Хаарец, наведувајќи ја наводната „антиизраелска пропаганда“ на весникот. Иако првично беше блокиран од Министерството за правда, Кархи повторно го започна својот план за поткопување на Хаарец, користејќи ги контроверзните изјави на нашиот издавач Амос Шокен како изговор.

Минатата недела, владата едногласно ја усвои резолуцијата за бојкот на Хаарец, сега спонзорирана од Нетанјаху. Покрај тоа, Кархи, исто така, покрена и нацрт-закон за приватизација на јавниот радиодифузен сервис на Израел, кој често беше трн во окото на владата, за разлика од низата медиумски портпароли под нејзина контрола. „Ние сме избрани од народот и можеме да спроведеме промена на режимот ако сакаме“, рече тој, откривајќи го подлабокиот мотив на својот шеф.

Бојкотот на Хаарец нема правна основа, но на Нетанјаху не му е гајле: ако биде поништен, ќе покрене тирада против „судската длабока држава“ и нејзиното поткопување на неговата моќ. Во право беше и за лидерите на опозицијата, кои следејќи ја националистичко-милитаристичката еуфорија не застанаа зад овој весник.

Меѓутоа, ние ќе го надминеме и неодамнешниот напад од Нетанјаху, исто како што ги надминавме гневот и игнорантноста на неговите претходници. Хаарец ќе остане доследен на својата мисија критички да известува за војната и за нејзините страшни последици за сите страни. Вистината понекогаш е тешко да се заштити, но никогаш не смее да биде жртва на војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ