среда, 11 декември 2024

Сочувство од бугарскиот патријарх со тон на негација на МПЦ-ОА

Бугарскиот патријарх г.г. Даниил испрати писмо со сочувство до архиепископот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, за упокојувањето на митрополитот Дебарско-кичевски од МПЦ-ОА, г. Тимотеј.

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото со сочувство, покрај зборовите на уважување, почит и утеха за упокоениот митрополит г. Тимотеј, се наведува: „Во овие тешки моменти за Вас и за целата Православна црква на Северна Македонија, изразуваме искрено сочувство за оваа привремена разделба со нашиот упокоен собрат“!

Претходно, во адресирањето на писмото со сочувство од БПЦ, т.е. од патријархот Даниил, архиепископот на МПЦ-ОА се нарекува „Неговото Блаженство Северно-Македонскиот Архиепископ Стефан“.

За упатените во црковниот процес за целосно признавање на МПЦ-ОА, како рамноправна црква во светот на православното христијанство, забележливо е тендениозното именување на македонската црква од страна на бугарскиот партијарх како „Православна црква на Северна Македонија“, а архиепископот г.г. Стефан, како „северно-македонски архиепископ“.

Во официјалното именување на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, никаде и никогаш не се споменува додадената географска одредница во името на државата Македонија, наметнато со Преспанскиот договор во 2019 година. Од световно-правен аспект, МПЦ-ОА е независен ентитет во државата Македонија, кој нема обврска да се придржува и да ги исполнува обврските преземени од државата со Преспанскиот договор. Во контекст на процесите на преговори што се водат со Вселенската патријаршија за ингеренциите на МПЦ-ОА, во кои има и обиди за менување на именувањето на македонската црква, адресирањето на сочувството на бугарскиот патријарх и именувањето на ахриепископот г.г. Стефан, имаат (не)скриен тон на негирање на македонскиот карактер на црквата, но и на државата. Секако и тон на подметнување на световна дневна политизација на меѓуцрковните и духовните прашања, дури и во контекст на изразување сочувство.

Во најсвежата колективна македонска меморија, од пред 6-7 години, забележана е и епизодата со идејата Бугарската православна црква да биде мајка-црква во процесот на признавање на МПЦ-ОА, за да се заобиколи Српската православна црква, која до 2022 година ја оспоруваше автокефалноста на македонската црква. Сепак БПЦ не го прифати „ризикот“ да биде мајка-црква на МПЦ-ОА, а СПЦ во мај, 2022 година издаде томос со кој ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА. Но и понатаму се чини дека „македонскиот елемент“ во МПЦ-ОА е трнот во окото на некои од црквите во православната екумена.

                                                                                 Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ