Првата слика ја купил во 1968 година, од „Косанчиќев венец“, слика од Оља Ивањицки, зашто неа ја познавал 40 години. Оттука почнува колекционерската приказна на галеристот Момчило Моша Тодоровиќ, кој како приватник ја има најголемата колекција на слики од македонски сликари.
По првата слика од Оља, Момчило почнал да купува за себе, помалку и повеќе вредни слики. Преку сликите ги засакал сликарите, а преку сликарите – сликите. Сепак, некои сликари воопшто и ги нема запознаено, и покрај нивните дела што ги поседува, како што вели „поради нивниот карактер“. Но еве веќе цели 25 години Моша професионално се занимава со купување и продажба на слики.
Негови пријатели биле и Мазев, и Рубенс Корубин, Васко Ташковски, Чемерски, Кочо Фидановски… Се разбира, има дузина слики од нив.
Со Мазев бев многу близок, освен што беше добар сликар тој беше и добар човек, кого многу го почитував и го сакав. Имам колекција од 17 негови слики. Имам слики и од Пандилов, Мартиноски, Личеновски, Чемерски, Фидановски, Ташковски, многумина се, па да не заборавам некого…
Моша не знае точно да каже колку слики се во негова сопственост. Вели, ако каже неколку стотини – малку е, а ако каже илјада и повеќе слики, тогаш е многу. Некогаш некоја слика ќе му „исчезне“, па ја бара, знае дека ја нема…, не ги знае на број, но точно ја помни секоја слика. Се случувало на пазар да купи чорапи од 50 динари, но на слики никогаш не штедел.
Мислам дека мојата колекција е најголема по бројка, ама не и по вредност. Еве на пример, тука од Шумановиќ има слики и по 300 илјади евра, па и до милион евра… Секако дека во светот сѐ уште има пазар на слики. Неодамна едни Црногорци се заинтересираа за слика од Марина Абрамовиќ и не прашуваа за цена. А ако една нејзина фотографија чини и 30.000 евра, тогаш е нескромно да се зборува за цена на една слика од Абрамовиќ. Да зборуваме за вредноста зашто вредноста е нешто што е поврзано со пазарот, а цената е во тоа колку некој може да плати, да одвои за слика.
Во Македонија не се вложува во слики!
Моша смета дека во Македонија луѓето немаат однос кон сликарството. Далеку од тоа дека вложуваат во слики, а камоли во портрети.
Оние што имаат многу пари не вложуваат во слики, а со тоа не се борат за рејтингот на сликарите во Македонија, зашто, според мене, Мартиноски и Личеновски би требало да се поскапи, како што е Надежда Петровиќ, да достигнуваат цени од 100 илјади, 200 илјади евра, а сликите на Мартиновски и Личеновски сега се продаваат за по 5 или 8 илјади евра. Тоа веќе е висока разлика во цената. Или пак Пандилов. Пандилов е, сметам, можеби и позначаен од сите, но заврши трагично во 1963-та, и малку од неговите дела останаа. Гледам дека во Бугарија е повеќе на цена отколку во Македонија! Да не зборувам за Папрадишки, кој е како нашиот Паја Јовановиќ. Но, за жал, луѓето што се богати и што треба да се борат за рејтингот во Македонија на сликарите ништо не прават и за жал, поскапи се сликите на македонските сликари во Белград отколку во Македонија. Сликите од Мартиноски се продаваат за до 10.000 евра, што е прениска цена за него. Јас имам слика од Мартиноски, која не би ја продал ни за 50.000 евра, една од оние слики од парискиот период, зачетокот на неговите „Циганки“. Можеби во тој период тие не беа толку убави слики, но денес имаат голема уметничка вредност во однос на оној опус што го правеше подоцна и кој беше помасовен.
Како што немаат однос кон сликарството, според Момчило луѓето немаат однос ни кон самите портрети. Објаснува дека неодамна еден портрет од Густав Климт бил продаден за 120 милиони долари, што за Балканот е непоимливо. И додека едни купувањето слики го прават од љубов, некои на тоа гледаат како на инвестиција. Кај Моша, пак, станува збор и за едното и за другото.
Кога дошол од Скопје во Белград, во 1988., во онаа поранешна Југославија имало само 4 галерии, а сега Белград има 240 галерии. Но во тоа време платите биле по 2 до 3 илјади марки, па можело да се купат слики и од Коњовиќ, и од Личеноски или од Оља само за една плата, Шумановиќ „да се купи“ за две плати… Денес, една слика од Шумановиќ има вредност од 150 до 300 илјади евра.
Најскапи слики од Балканот се оние на Паја Јовановиќ. Тие чинат од 100 до 800.000 евра, па и до милион евра. Богатите луѓе инвестираат во слики. Ќе повторам, жалам што во Македонија не е така. Но во Белград сепак има неколку колекционери, како што се Цептер, Беко, Књежевиќ, тие имаат колекции што вредат и по неколку милиони евра. Има луѓе што имаат по 8 или 10 слики од Шумановиќ, ако ги помножите со 200 или 300 илјади евра, ќе дојдете до некоја сума.
Една од работите на колекционерите е и да се борат да ја држат цената на своите слики. Моша им забележува на луѓето што имаат пари и што можат да направат рејтинг на македонските сликари, но ни тоа не го прават.
– Мислам дека единствениот човек што прави нешто на тоа поле е Мице Јанкуловски. Тој направи галерија на светско ниво. Тој „ги има“ и Пикасо и Дали, ги следи случувањата во светот и тој е единствениот човек во Македонија што се обидува сликите да ги стави на некаков пиедестал.
Според Моша, љубовта кон сликите од некого прават колекционер. Има луѓе што си скратуваат од устата за да си купат слика, а ако се спојат љубовта кон сликата и вредноста, тогаш тоа прави еден човек да биде колекционер. Второ, колекционерот треба да се бори за рејтингот на сликарите и колекционерот е тој што го формира пазарот. Сликарот, пак, е тој што треба да слика. Галеристите и колекционерите се тие што треба да ја одредат вистинската вредност на сликата.
Издадов повеќе монографии од самата држава
Момчило Моша Тодоровиќ во изминатите години сам има издадено повеќе монографии отколку што тоа го има направено самата држава. Смета дека сликарот мора да има своја монографија, тоа е негова лична карта, па потоа се изложбите во светот.
Бата Михајловиќ убаво кажа, додека е коњот на трка, тогаш прима лаври, тоа е исто како Ѓоковиќ да игра во Битола наместо на Вимблдон, каде што му е местото. Така е и со сликарите. Сликарите мора да се изборат за рејтинг. Мислам дека Чемерски добро го води тој маркетинг, тој е присутен и во Париз, и во Белград и во Скопје, за разлика од некои сликари што според мене му се рамни, да не кажам подобри-полоши, но многумина од нив се врзани за еден полокален пазар и живеат од тоа што работат како професори или дизајнери, и сѐ се сведува на тоа. Никој во Македонија не води сметка за цената на сликите, тоа е „купи–продај“ и тука завршува целата приказна. А што се однесува до монографиите, ситуацијата е уште потажна. Тоа се некои книги што излегле и толку.
Монографиите што ги издава Момчило Тодоровиќ за сликарите за кои смета дека вредат, си ги финансира сам. Нема поддршка од државата, а за координација меѓу министерствата за култура на Македонија и на Србија и нема што да каже. Оти таа не постои.
Ј.Кантарџиева