петок, 15 ноември 2024

Блинкен доаѓа во Скопје, Лавров чека дозвола за прелет од Бугарија

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и актуелен претседавач на ОБСЕ во саботата потврди дека државниот секретар на САД Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. 

Османи не можеше да прецизира дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер за надворешни работи. Како што рече, агендите на сите министри се различни, па не мора да значи дека секој од нив ќе биде присутен на конференцијата сите три дена.

Утре ќе почнат да пристигнуваат гостите, а неформалната вечера е предвидена за 29 ноември со поголемиот број министри. На вечерата се очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема, како што рече Османи, ќе биде и агресијата во Украина.

За неформалната вечера го очекуваме државниот секретар Блинкен. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров, тоа сега не можам да кажам. Не треба да очекуваме дека во сите три дена, сите ќе останат три дена. Сепак, тоа се важни луѓе кои ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивните престој, тоа се уште не можам да го кажам, се уште ги утврдуваме тие детали. Ќе дојдат сите делегации, прашањата се дали ќе бидат министрите или нивните заменици, рече Османи.

Средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ ќе се одржи во Скопје во периодот од 29 ноември до 1 декември. Со организацијата во моментов претседава Македонија, која од 1 јануари ќе ја предаде диригентската палка на Малта. 

Можно е Македонија да биде една од ретките земјо што истовремено ќе ги угости и Блинкен и Лавров. Последен пат овие двајца се сретнаа на самитот на земјите од групата Г-20 во главниот град на Индија, Делхи во март оваа година.

Евентуалното недоаѓање на Лавров во Скопје може да ја искомплицира целата процедура околу изборот на идниот претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка бидејќи одлуката се носи со консензус. Освен тоа има предупредувања и дека со евентуална забрана на присуството на министерот за надворешни работи на Русија, Македонија ќе го прекрши меѓународното право и Виенската конвенција.   

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ