Астрономите ја видоа најголемата експлозија во вселената.
Позната како „AT2021lwx“, експлозијата во овој момент трае повеќе од три години и е десет пати посилна од која било позната супернова, експлозијата што се појавува кога умира некоја голема ѕвезда.
Според студијата, експлозијата се случила на оддалеченост од речиси осум милијарди светлосни години, кога универзумот бил стар околу шест милијарди години. Повеќето супернови траат само неколку месеци пред да исчезнат. Многу е невообичаено нешто да сјае повеќе од две години, пишува Индипендент.
Астрономите, предводени од Универзитетот Саутемптон, веруваат дека експлозијата е резултат на огромен облак од гас, веројатно илјадници пати поголем од нашето сонце, кој насилно бил нарушен од супермасивна црна дупка. Делови од облакот биле проголтани, испраќајќи ударни бранови низ неговите остатоци, како и во големата правлива „крофна“ што ја опкружува црната дупка.
Истражувачите наведуваат дека ваквите настани се многу ретки и дека никогаш не биле сведоци на нешто од вакви размери. Патем, минатата година астрономите беа сведоци на најсветлата експлозија досега – експлозија на гама-зраци позната како ГРБ 221009A.
Иако таа експлозија беше посветла од AT2021lwx, таа беше пократка во траење, што значи дека вкупната енергија ослободена од сегашната експлозија е многу поголема. Експлозијата AT2021lwx првпат беше откриена во 2020 година од Калифорнија, а потоа ја забележа системот АТЛАС од Хаваите.
Сепак, размерите на експлозијата досега не беа познати. Наодите беа објавени во списанието Месечни белешки на Кралското астрономско друштво.
„Случајно наидовме на ова бидејќи беше означено од нашиот алгоритам за пребарување кога баравме тип на супернова. Повеќето супернови и плимни нарушувања траат само неколку месеци пред да исчезнат. Веднаш ни стана многу необично нешто да биде светло повеќе од две години“, рече д-р Филип Вајсман, научен соработник на Универзитетот во Саутемптон, кој го предводеше истражувањето.