Амнести интернешнл интервјуираше 27 поранешни палестински затвореници, меѓу кои и едно 14-годишно момче, кое рече дека биле држени според израелскиот закон до четири и пол месеци без обвинение, судење или пристап до адвокати и семејства.
Цитирајќи ја израелската организација за човекови права Хамокед, Амнести изјави дека 1.402 Палестинци се притворени од 1 јули оваа година според законот. Ова е најголем број од почетокот на војната, пред повеќе од девет месеци, според Хамокеда.
Амнести интернешнл рече дека законот ѝ дозволува на израелската војска да приведува секого што е осомничен за вмешаност во воените дејствија или ако смета дека е закана за безбедноста и дека притворот може да се продолжи на неопределено време без приложување докази.
Организацијата соопшти дека сите поранешни затвореници кои биле интервјуирани рекле дека биле мачени или подложени на друго малтретирање во притвор.
Саид Маруф, 57-годишен педијатар, рече дека стражарите го држеле со врзани очи и лисици 45 дена во притвор во воениот објект Сде Теиман, дека гладувал и дека редовно бил тепан.
Една жена рекла дека била тепана и принудена да ја гледа лажната егзекуција на нејзиниот сопруг.
Амнести го повика Израел да им гарантира на сите затвореници, вклучително и на оние кои се осомничени дека се дел од вооружени групи, пристап до адвокати и мониторинг групи како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Генералната секретарка на АИ, Агнес Каламард, рече дека законот не го обезбедува тоа, туку овозможува тортура.
Израел вели дека ги држи затворениците легално и ги негира наводите за тортура, и тврди дека затворениците имаат „фундаментални права“.