среда, 11 декември 2024
Утре или задутре се очекува вонредна седница на Советот на Град Скопје

Постигнат времен договор со приватните превозници

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Мартин Стојановски, вечерва по завршување на средбата со приватните превозници информираше дека дале предлог да се зголеми цената по километар од 70 на 100 денари во период од први декември до мај следната година. Тој побара што е можно побрзо да се свика вонредна седница на Град Скопје, на која овој предлог ќе се стави како точка на дневен ред.

Објавено на

часот

Сподели

Претставниците на приватните превозници се задоволни од предлогот, се откажуваат од најавената блокада, но во текот на утрешниот ден нема да возат.

„Дадовме предлог дека ние ќе иницираме вонредна седница со единствена точка да ги прифатиме условите на приватните превозници за покачување на цената за километар, заклучно со месец мај 2025 година. Како што бевме информирани од приватните превозници, цената е 69 до 70 денари за изминат километар. Нашиот предлог е со измена со одлука на Совет, цената да биде 100 денари од километар заклучно со мај, додека им трае првиот дел од договорот“, изјави Стојановски.

Тој додаде дека приватните превозници го прифатиле предлогот и напомена оти се надева дека утре или задутре ќе се одржи вонредната седница и заедно со останатите советници ќе го изгласаат предлогот.

Ваквото зголемување, како што посочи, нема да значи зголемување на цената на билет што ја плаќаат граѓаните.

„Се надевам дека и градоначалничката Данела Арсовска ќе ја стави како точка на дневен ред оваа иницијатива и ќе го прифати овој предлог, за најдоцна до понеделник веќе да ги имаме приватни превозници на улиците. Повикувам на разум кај сите колеги советници и на разум на градоначалничката да им се исплати долгот на приватните превозници, затоа што пред малку бев информиран дека на некои од приватните превозници не им е исплатен долгот од петти, а на некои од шести месец“, рече Стојановски.

Прашан дали има доволно буџет за да се обезбедат овие средства, Стојановски одговори дека ќе побараат измени во буџетот за декември.

„Ќе побараме да има измена во буџетот за декември, затоа што преостанува уште еден месец до крајот на годината, додека за месеците од јануари до мај ќе има нов буџет што ќе се гласа во декември. Треба да има предвидени средства и тие да бидат наменски за покачување на цената по километар за приватните превозници, за да може да се искористат за исплата, за граѓаните веќе да не чекаат по станиците на минусните температури“, додаде Стојановски.

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски по средбата изјави дека се откажуваат од блокадите што ги најавуваа за понеделник, посочувајќи дека е одличен предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Цело време повикуваме на состаноци, да не повика кој било, за да можеме да си го кажеме конкретно нашиот проблем. Ниска ни е цената за изминат километар, немаме верификувани извештаи, имаме долг, бараме само решение на нашите проблеми, сакаме да бидеме сервис на граѓаните во Градот Скопје. Предлогот е одличен, го прифаќаме. Иако е времена мерка, веруваме дека во понатамошните преговори и со градот и со советниците, ќе се изгласа некое трајно решение“, рече Зафировски,

На новинарско прашање дали утре ќе возат, тој одговори дека најверојатно нема, но се надева оти од понеделник повторно ќе бидат на скопските улици.

„Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“, додаде Зафировски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ