четврток, 5 декември 2024

Американскиот Конгрес ги разгледува законските предлози за вештачката интелигенција

Објавено на

часот

Сподели

Првиот предлог бара транспарентност од американската влада при користењето на вештачката интелигенција во интеракција со граѓаните, додека вториот предлог бара формирање на нова канцеларија чиј приоритет ќе биде конкурентноста на САД кога се во прашање модерните технологии.

Законодавците разгледуваат нови правила што се потребни поради порастот на вештачката интелигенција, која во почетокот на оваа година се најде на насловните страници благодарение на употребата на ЧетГПТ, програма што во писмена, структурирана форма одговара на поставени прашања.

Демократскиот сенатор Гери Питерс, воедно и претседател на Комитетот за национална безбедност, заедно со колегите републиканци Мајк Браун и Џејмс Ланкфорд, претстави предлог со кој владините агенции ќе мора да ги известат граѓаните кога користат програми за вештачка интелигенција во комуникацијата со нив.

Споменатиот предлог ги обврзува и владините агенции да овозможат приговори за можните одлуки донесени од вештачката интелигенција.

„Федералната влада мора да биде активна и транспарентна во врска со употребата на вештачката интелигенција и да обезбеди одлуките да не се носат без човечка рака ‘зад воланот’“, рече Браун.

Демократите Мајкл Бенет и Марк Ворнер и републиканскиот претставник Тод Јанг со својот законски предлог бараат формирање канцеларија за анализа на глобалната конкуренција, чија главна задача ќе биде да ги задржи САД на местото на лидер во развојот на вештачката интелигенција.

„Не можеме да си дозволиме да ја загубиме предноста во развојот на технологии, вклучително и на вештачката интелигенција, пред конкурентите како Кина“, рече Бенет.

Во почетокот на неделава лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер изјави дека договорил три средби, од кои првата ќе биде зад затворени врати, на кои сенаторите ќе можат детално да се запознаат со темата.

На овие состаноци претставниците ќе разговараат за актуелниот развој на вештачката интелигенција, за американското лидерство во областа на вештачката интелигенција и за голем број доверливи прашања за одбраната и разузнавањето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ