среда, 26 јуни 2024
Грција

Американски турист пронајден мртов на остров во близина на Крф, уште тројца се водат за исчезнати

Исчезнат американски турист е пронајден мртов на плажа на мал грчки остров западно од Крф, објавија локалните медиуми, пренесува Си-ен-ен.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Телото на мажот било пронајдено на карпеста, прилично оддалечена плажа на островот Матраки од друг турист во неделата.

Неговиот домаќин, грчко-американски пријател, го пријавил како исчезнат во четвртокот.

Туристот последен пат бил виден во вторникот во кафуле во друштво на две туристки кои потоа го напуштиле островот.

Веднаш не биле достапни дополнителни детали за жртвата, како што се неговото име или родниот град.

Матраки, кој има 100 жители, е шумовит остров со површина од 3,9 квадратни километри, западно од попознатиот остров Крф.

Ова е последниот во серијата неодамнешни случаи кога туристи загинаа или исчезнаа на грчките острови.

Некои, ако не и сите, тргнале на планинарење на многу топло време.

Телото на 74-годишен холандски турист беше пронајдено со дрон на противпожарната служба во саботата, лежејќи со лицето надолу во провалија на околу 300 метри од местото каде што последен пат бил виден минатата недела, кога со потешкотии се движел по жешкото сонце.

Доктор Мајкл Мозли, познат британски телевизиски лекар, беше пронајден мртов минатата недела на островот Сими. Судскиот лекар заклучи дека тој починал претходната среда, набргу откако тргнал на планинарење по тежок, карпест терен.

Во петокот, две француски туристки беа пријавени за исчезнати на островот Сикинос, релативно изолиран остров на Кикладите во Егејското Море со помалку од 400 постојани жители.

Двете жени, на возраст од 64 и 73 години, ги напуштиле своите хотели за да се сретнат.

На островот Аморгос, исто така на Кикладите, властите сè уште трагаат по 59-годишниот турист пријавен за исчезнат од вторникот, кога тргнал на самостојно планинарење во многу топли услови.

Американските медиуми го идентификуваа исчезнатиот турист како пензионираниот заменик шериф на округот Лос Анџелес, Алберт Калибет од Хермоса Бич, Калифорнија.

Заменик-градоначалничката за туризам Попи Деспотиди за Си-ен-ен во средата изјави дека Калибет го посетува Аморгос „речиси секоја година“ во последните десет години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ