Правило 1: купете свежо кафе.
Без сомневање кафето е најубаво кога се употребува најдоцна неколку дена по печењето. Купувањето од локалната продавница за кафе или (ако сте во можност) печењето дома се најсигурниот начин да добиете најсвежи зрна. Никако не купувајте кафе на големо од кошниците со попуст во супермаркетот. Кислородот и силната светлина се најголемите уништувачи на вкусот на печените зрна, така што освен ако продавницата не обезбедува услови за одржување на свежината на кафето, пакувањата добиваат облог од неговите масти и тоа станува бајато. Зрната кафе спакувани од совесни производители и продавани во цврсти вакуумирани пакувања најчесто се многу подобри од другите.
Правило 2: чувајте ја свежината на кафето.
Отвореното пакување кафе секогаш чувајте го во херметички затворена кутија. Добар избор се стаклените тегли со гумен затворач. Никогаш не го чувајте кафето во фрижидер (печените зрна се шупливи и брзо примаат влага и миризба од храна). Експертите за вкус не препорачуваат кафето да се замрзнува, особено не темното печено кафе. Најубаво е да купувате свежа залиха за 5 до 7 дена и да ја чувате на собна температура.
Правило 3: одбирајте добро кафе.
Снобизмот меѓу оние што страсно пијат кафе може да се рамни со снобизмот на оние што страсно пијат вино, но факт е дека чудесниот свет на вкусовите на кафето го чека секого што е спремен да тргне во авантурата што ги надминува масовнопродаваните комерцијални брендови. Специјализираните видови кафе што јасно ги одразуваат земјата или областа на своето потекло нудат долготрајно уживање во вкусовите. По секоја цена барајте 100 % чисто кафе арабика. Евтините алтернативи може да содржат зрна од видот робуста, познат по поголемото количество кофеин, но и по остриот, непријатен вкус. „Гадно“ е терминот што вљубениците во арабика вообичаено го поврзуваат со кафињата робуста.
Кафето почнува да го губи квалитетот речиси веднаш откако ќе се смеле. Највкусно приготвеното кафе се прави од зрна мелени непосредно пред приготвувањето. Експертите за кафе претпочитаат да го дробат кафето во скапи специјализирани мелници, но може да завршат работа и поевтините електрични мелници.
Правило 5: употребувајте квалитетна вода.
Ништо не може го расипе филџанот кафе како водата од чешма, со хлор или со блуткав вкус. Сериозните љубители на кафето употребуваат изворска вода од шише или на чешмите ставаат филтри од активен јаглен. Забелешка: кафето со омекната или со дестилирана вода е ужасно – минералите се клучни за квалитетната вода.
Правило 6: избегнувајте евтини филтер-ќесички.
Евтините хартиени филтри за филтер-кафе создаваат поневкусно кафе, според експертите. Барајте хартиени филтри без диоксин (како „филтропа“, „мелита“) или купете од долготрајните позлатени филтри („свис голд“). Тие важат за филтри што даваат најдобар вкус.
Правило 7: не штедете на кафе.
Стандардната мера за приготвување соодветно силно кафе е 2 рамни супени лажици на 170 мл вода. Триковите како што е користењето помалку кафе, а поврела вода за да се добијат повеќе филџани кафе предизвикуваат погорчлив вкус.
Правило 8: внимавајте на температурата.
Премногу врелата вода ќе ги истакне горчливите состојки на кафето, а не пријатните. Соодветната температура за приготвување кафе е 93 °Ц, или околу 45 секунди пред водата да почне силно да врие. Откако ќе го приготвите, не очекувајте кафето долго да го задржи својот оптимален вкус. Повторното топлење, вриењето или чувањето на топла површина и највкусното кафе ќе го направат горчливо и расипано.
Правило 9: редовно чистете ја опремата за приготвување кафе.
Чистете ги садовите или мелниците за кафе на секои неколку недели за да не се таложат масни наслаги. Барем еднаш месечно поминете ги со силен раствор од оцет, за да ги раствори сите минерални остатоци. Добро исплакнете ги пред употребата.