четврток, 5 декември 2024

18 уапсени, четворица во притвор по инцидентите за Денот на албанското знаме, информира Тошковски

Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки поради „дивеењeто“ на улиците и сообраќајниот хаос којшто настана, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по денешната билатерална средба со неговиот босански колега Ненад Нешиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски упати апел за разум и мудрост, и порача дека МВР одлучно ќе одговори против сите коишто ќе се обидат да го погазат достоинството на граѓаните на Македонија, без оглед дали станува збор за сквернавење на државен симбол на Македонија или на која било соседна земја. Изрази надеж дека станува збор за изолирани случаи, со оглед на тоа дека сторителите на кривичните дела биле млади луѓе, но како што рече „не ми личи за таква работа“.

„Соодветно, навремено и одговорно интервениравме како Министерство за внатрешни работи. Го истражуваме сето она коешто е поврзано со овие настани, во насока на тоа дали истите и како истите се случиле, дали од аспект на мотивот, како од аспект на дејствијата коишто беа преземени. Одлучно еднакво кон сите одговоривме. Во текот на првиот ден, при самата прослава уапсивме осум луѓе. Од тие тројца завршија во притвор за палење на македонското знаме. Наредниот уапсивме уште тројца во Прилеп за палење на албанското знаме. Уапсивме едно лице во Куманово за корнење на државен симбол на Република Србија. Исто така приведовме едно лице во Кичево за корнење, буткање и на македонското и албанското знаме. И во текот на вчерашниот односно преквчерашниот ден уапсивме уште едно лице коешто беше фатено како го пали албанското знаме во Скопје и информиран сум дека од судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор и нему“, рече Тошковски.

Во врска со возилата кои беа опожарени во Куманово еден ден по прославата на Денот на албанското знаме, Тошковски рече дека не може да изнесе конкретни информации, бидејќи предметот се уште е во фаза на предистрага, но рече дека станува збор за добро организирана група.

„Во овој момент не можам да одговорам повеќе во однос на предметниот кривично правен настан. Кога ќе имаме информации коишто ќе можеме да ги споделиме со јавноста, ќе ги споделиме. Работиме и на тој случај. Да, точно е дека станува збор за добро организирана група. Не би сакал да претпоставувам во овој момент. Имаше претпоставки коишто беа споделени и до јавноста од различни страни. Можеби станува збор за неиспорачување на одредени нешта од минатото, можеби станува збор за подгревање на приказната во истиот дел во којшто разговаравме досега, можеби станува за трети причини, не знам. Во овој момент мислам дека не би било соодветно да говорам со точни информации заради тоа што сѐ уште сме во фаза на предистрага“, рече Тошковски.

Интерпелацијата, пак, што ја поднесе опозициската ДУИ, министерот ја оцени како „низок обид за манипулација на јавноста“, истакнувајќи дека Собранието ќе постапи како што смета. Тезите на опозицијата во изминатиот период рече сами по себе се контрадикторни.

„Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста“, рече министерот.

Тошковски, денеска, одржа билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина (БиХ) Ненад Нешиќ на која било разговарано за потребните чекори кои треба да ги преземат двете земји за доближување кон Европската унија.

Тошковски посочи дека на средбата било разговарано за реформите кои треба да ги спроведат двете држави, потврдувајќи ја добрата соработка помеѓу полициите и полициските службеници.

„Разговаравме за прашања кои што се од интерес за двете држави во насока на оној пат којшто претстои пред нас, тоа е правење на сите оние потребни реформи, преземање на сите оние потребни чекори за да се доближиме до Европското семејство. Тоа е нашиот единствен пат и на Македонија и на Босна и Херцеговина којшто треба да го исчекориме во иднина … Разговаравме исто така за теми кои што се од интерес за двете држави, како држави каде што имаме транзит на нелегална миграција, разговаравме за теми кои што се поврзани со создавање на еден регионален центар за обука и регионални конференции на сите центри за обука на земјите од Балканот“, рече Тошковски.

Според босанскиот министер за безбедност, Нешиќ, криминалот и корупцијата се тие што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Тој истакна дека Северна Македонија и Босна и Херцеговина се исто така погодени од миграцијата, иако мигрантите не сакаат да останат ниту во земјава, ниту во БиХ.

„Тоа се илегални миграции, како што знаете, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се исто така погодени од миграцијата. Мигрантите не сакаат да останат ниту во Северна Македонија, ниту во Босна и Херцеговина, но за жал ние сме транзитна рута и се соочуваме со безбедносен предизвик, особено во последно време кога мигрантите некако станаа насилни, а трговијата со луѓе, т.е. профитабилните бизниси. Исто така, сакам да изразам дека нашите полициски агенции соработуваат многу успешно, дека ги разбиваат потребните информации и го изразувам моето очекување дека оваа соработка ќе биде уште подобра во следниот период“, рече Нешиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ