понеделник, 18 ноември 2024

Зеленски: Ракетите ќе зборуваат сами за себе

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ракетите „ќе зборуваат сами за себе“, по извештаите дека Вашингтон му дал дозвола на Киев да изврши удари подлабоко во Русија со проектили од американско производство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двајца американски функционери и извор запознаен со одлуката изјавија претходно во неделата дека тоа е значаен пресврт на политиката на Вашингтон во украинско-рускиот конфликт.

„Денес многумина во медиумите зборуваат дека сме добиле дозвола да преземеме соодветни дејствија. Но, ударите не се задаваат со зборови. Вакви работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе“, рече тој во вечерното обраќање.

Ројтерс објави дека три добро информирани извори во неделата изјавиле дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги укинала ограничувањата кои претходно ја спречувале Украина да користи американско оружје за да изврши напади длабоко во руска територија.

Потегот на Соединетите Држави, нешто повеќе од два месеци пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, доаѓа по неколкумесечните барања на Володимир Зеленски да ѝ дозволи на украинската војска да користи американско оружје за напади длабоко во руска територија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека таквата одлука ќе значи дека „земјите од НАТО се во војна против Русија“.

Одлуката на Вашингтон може да ги поттикне и другите сојузници да се одлучат на таков чекор, главно Велика Британија, наведува агенцијата Франс прес.

Полска веднаш ја поздрави одлуката на САД.

„Претседателот Бајден одговори на влегувањето на севернокорејските трупи во војната и на масовниот руски ракетен напад на јазик што го разбира Владимир Путин“, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на платформата Икс.

Одлуката на Вашингтон да ѝ дозволи на Украина да удри длабоко во Русија со американски ракети со долг дострел може да доведе до трета светска војна и брзо ќе добие одговор, изјави во неделата Владимир Џабаров, првиот заменик-шеф на комитетот за меѓународни прашања на рускиот Горен дом, според новинската агенција ТАСС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ