среда, 11 декември 2024

Делхи се гуши во токсичен смог, највисоко загадување на воздухот оваа година

Загадувањето на воздухот во главниот град на Индија, Њу Делхи достигна ниво повеќе од 60 пати поголемо од максималниот праг поставен од Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат мерењата спроведени од компанијата Ај-кју ер. Концентрацијата на ПМ2,5 микрочестичките измерена утрово изнесувала 907 микрограми на метар кубен воздух на одредени точки на мегаполисот од 30 милиони жители.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повеќето училишта во областа останаа затворени, сообраќајните ограничувања се зајакнати и строго се препорачува работа од далечина до понатамошно известување. Секоја зима, градот се соочува со врв на загадувањето предизвикано од отровните испарувања од фабриките и патниот сообраќај, на кои во овој период од годината се додаваат и пожарите од сезонското палење на земјоделските површини.

Локалните власти вчера вечерта ја започнаа 4 фаза од својот план за предупредување „за да се спречи понатамошно влошување на квалитетот на воздухот“.

Густа покривка од токсичен смог ги зафати повеќето делови од северна Индија. Смогот, токсична мешавина од чад и магла, се формира секоја зима додека студениот воздух ја заробува прашината, емисиите и чадот од незаконското палење на полињата на фармите во некои околни држави. Видливоста падна на 100 метри во Делхи и Чандигар, град северозападно од главниот град, но властите соопштија дека летовите и возовите продолжија да работат со одредени задоцнувања.

Индиското тело за контрола на загадувањето соопшти дека 24-часовниот индекс на квалитет на воздухот во главниот град е 484, што е класифицирано како „тешко“, највисоко оваа година.

Според рангирањето на швајцарската групација Ај-кју ер, Њу Делхи е најзагадениот град во светот со квалитет на воздух од „опасни“ 1081 и концентрација на ПМ2,5 честички – честички со пречник од 2,5 микрони или помалку кои можат да влезат во белите дробови, предизвикувајќи фатални болести и проблеми со срцето.

Властите во Делхи наредија сите училишта да се префрлат на онлајн настава и ги заострија ограничувањата за градежните активности и движењето на возилата, наведувајќи ги како причини неповолните временски услови и слабата брзина на ветерот.

Палењето на полињата на фармите по жетвата на оризот придонесоа дури 40 отсто за загадувањето на Делхи, соопшти агенцијата за временска прогноза САФАР на Министерството за наука за земјата.

Сателитите открија 1.334 такви настани во шест држави во неделата, најмногу во изминатите четири дена, според индискиот Конзорциум за истражување следење и моделирање на агроекосистемите од вселената. Индиската метеоролошка служба за понеделник прогнозираше „густа до многу густа магла“ за северните држави Утар Прадеш, Харјана и Раџастан.

Според СЗО, загадениот воздух може да предизвика кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и рак на белите дробови. Студијата објавена минатиот јуни покажа дека загадениот воздух е одговорен за 11,5 отсто од смртните случаи во Делхи, или 12.000 смртни случаи годишно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ